Едно од сценаријата е една група ученици да оди една недела, а друга недела да оди друга група
Сите во Владата сакаме учебната година да започне од септември со физичко присуство за сите ученици, но имаме подготвено три сценарија како би се одвивала таа, рече министерката за образование и наука Мила Царовска.
Материјалите со сценаријата и протоколите денеска се дискутирале на Главниот координативен штаб, а очекувањата се дека на почетокот на септември ситуацијата ќе биде мирна и сите ученици ќе седнат во своите клупи.
„Првото е целосно отворање на училиштата, согласно здравствените протоколи, да може сите ученици да седнат во своите клупи, за сите одделенија и сите години. Тоа е првото и најдобро сценарио, најпосакувано за сите нас, ако епидемиолошката состојба се движи во соодветни рамки за ова сценарио. За тоа ќе одлучува Комисијата за заразни болести, но сите очекуваме состојбата во летниот период и почетокот на септември да биде добра и затоа сметаме дека ова сценарио ќе биде спроведливо“,
рече Царовска.
Второто сценарио е исто како и тоа од годинава, односно дел од учениците да одат во школо – од прво до четврто одделение, а останатите да учат онлајн и да им се доставуваат материјалите за учење.
„Имаме и трето сценарио, кое укажува дека можеби во не толку критична состојба за целосно затворање, да имаме поделба во групи – една недела една група ученици, друга недела друга група ученици“,
вели Царовска и додава дека на 1 септември ќе бидат подготвени за сите сценарија во зависност од состојбата.