Наместо милионски загуби и крадење, ЕЛЕМ можела да заработи милионски профит за инвестиции во компанијата и државата, обвинува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Според него, со тендерот за набавка на електрична енергија и со новата цена ќе се забележи загуба од 4,3 милиони евра до крајот на 2021 година. Во објава на Фејсбук, Мицкоски детално ја опишува постапката за набавка на електрична енергија со обвинување дека власта на овој начин го краде народот.
„’ЕВН хоум’, снабдувачот на граѓаните со електрична енергија, објавува тендер за набавка на електрична енергија за периодот од 1 јули до 31 декември. Вкупната количина на електрична енергија потребна за граѓаните е 1 585 585 MWh. Тендерот е поделен на два дела, првиот дел е отприлика 70% од потребите на граѓаните, а вториот дел е останатите 30%. Согласно закон, ова е последна година кога ЕСМ (поранешно ЕЛЕМ) има обврска да понуди 70% од потребите на електрична енергија за граѓаните на тендер, а снабдувачот ‘ЕВН хоум’ одлучува дали ќе ги прифати или не! Тендерот беше одложуван двапати, прво требаше да се отворат понудите на 16 јуни, па на 21 јуни, за конечно да падне одлука, понудите да се отворат на 24 јуни. Заев и Ковачевски одлучија ЕСМ (поранешно ЕЛЕМ) да понуди не 70%, туку 100% од потребите за електрична енергија на ‘ЕВН хоум’ по цена од 36,1 €/MWh!
пишува Мицкоски на Фејсбук.
ЕСМ во 2020 година на „ЕВН хоум“ му продаваше електрична енергија за потребите на граѓаните по цена од 38,8 евра за MWh што е за 2,7 евра за MWh повисока од таа што сега ја понуди, додава Мицкоски.
„Со таа цена во 2020 година ЕСМ (поранешно ЕЛЕМ) забележи загуба од 16,8 милиони евра. Со новата цена загубата ќе се зголеми за нови 4,3 милиони евра до крајот на 2021 година и ќе биде поголема од 20 милиони евра. За само две години цунамито, кражбата во ЕСМ (поранешно ЕЛЕМ) ќе ги чини граѓаните повеќе од 36 до 37 милиони евра“
додава Мицкоски.
Во однос на состојбата на пазарот во регионот, Мицкоски тврди дека просечната цена на истиот ден – 24 јуни, по која се тргува електричната енергија во регионот, Грција, Бугарија, Романија и Унгарија е 90,4 евра за MWh за истиот период од годината 1 јули до 31 декември.
„Доколку ЕСМ (поранешно ЕЛЕМ) ја продадеше оваа енергија во соседна Грција само по основ на разлика во цена ќе заработеше повеќе од 86 милиони евра за само шест месеци. Повторувам, наместо нови 4,3 милиони евра загуба, поголем приход од 86 милиони евра за само шест месеци!“
потенцира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Мицкоски, ЕСМ требало прво да ја продаде електричната енергија на слободен пазар, не само за втората половина од 2021 година туку и за првата половина од 2022 година, и на тој начин ќе го зголемела сопствениот приход за околу 150 милиони евра.
„Второ, со 35 милиони евра, директно или индиректно, ќе интервенираше цената на електричната енергија за граѓаните да не се зголеми. Трето, со 50 милиони евра ќе се покриеше и разликата во трошоците за производство и финансиските загуби од 2020 година. Потоа, план и оптимизација на производството за следната година да се повтори истиот профит. Четврто, трансфер на 15 милиони евра преку буџетот во министерство за здравство и авансирање на вакцини за следниот бран подготвени да го пречекаме наместо повторно да коленичиме за донација по регионот. И последен чекор, 50 милиони евра за капитални инвестиции за развој на компанијата и Македонија“
пишува Мицкоски.