Петнаесеттина здравствени работници од Клиничка болница-Штип сè уште ја немаат добиено ветената награда од 30 000 денари за работа во ковид-центар. Директорот на Клиничка болница-Штип, д-р Ален Ѓеорѓијев, денеска потврди дека дополнителниот список со овие вработени е испратен до Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување. Според него, станува збор за здравствени работници кои се вклучиле после 6 декември 2020 година кога бил направен пресекот за исплата на наградата за битката со коронавирусот која веќе стигнала кај 220 вработени во штипската болница.
„После датумот кога беше направен пресекот, и друг персонал се вклучи во битката со коронавирусот, така што парите беа пуштени само врз база на првобитните списоци. Сè она што отпосле дојде да работи таму, ние имаме неколку пати комуникација со Министерство за здравство, спремни сме како болница да им ги дадеме наградите. Но, мора да имаме одобрение од Министерство за здравство, кое го чекаме да ни го одобри списокот и од сопствени средства да им даде награда на луѓето, кои отпосле се вклучија во битката“,
вели Ѓеорѓијев.
Исплата од 30 илјади денари награда беше наменета за 7 600 здравствени работници од ковид-центрите во Скопје и другите болниците низ државата, кои беа во првите редови во битката со коронавирусот.