Во РЕК Битола се отворија понудите за тендерот со кој државните електрани купуваат механизација за комбинатот. Првичните проценки се дека набавката ќе чини 19 милиони евра. Последното истражување на „360 степени“ покажа дека во последните две децении РЕК Битола потрошил 370 милиони евра за изнајмување механизација од приватни фирми, бидејќи старата се расипала и не се купувала нова
Дванаесет фирми поднесоа понуди до АД ЕСМ (Електрани на Северна Македонија) на тендерот за набавка на помошна механизација за потребите на рудниците во РЕК Битола. Според информациите што „360 степени“ ги доби од државната компанија, најголем дел од понудувачите се домашни компании, а неколкуте странски се од регионот:
- Технокомерц – Скопје (С Македонија);
- Теиком Тим – Битола (С Македонија);
- Корковадо – Белград (Србија);
- Мис-Комерц – Скопје (С Македонија);
- Лагер – Посушје (Босна и Херцеговина);
- Интер Глобал – Скопје (С Македонија);
- Синпекс – Битола (С Македонија);
- Евро Стил – Битола (С Македонија);
- Инжконсулт – Софија (Бугарија);
- Мг Компанија – Скопје (С Македонија);
- Глобекс груп – Белград (Србија);
- Каргомакс – Скопје (С Македонија).
Јавната набавка е за вкупно 20 различни машини чија вкупна процената вредност е околу 19 милиони евра. Сепак, само дел од компаниите дале понуда за сите машини што се бараат, односно за сите делови од тендерот.
„Постапката е отворена и делива, односно секој понудувач имаше можност да одлучи за која машина ќе испрати понуда. Има економски оператори кои испратиле понуда за сите делови од јавната набавка, а има и такви со понуда за дел од побаруваната помошна механизација. Понудените цени за машините што се предмет на јавната набавка во овој момент од постапката се достапни на сите учесници во постапката“,
велат за „360 степени“ од РЕК Битола.

Кои се фирмите пријавени на тендерот
Според објаснувањето од ЕСМ, една од причините што овој тендер се одложуваше во последните две и пол години е стариот закон за јавни набавки. Тој не дозволуваше да се вметне друг критериум при купување од државниот буџет, освен најниска цена. Со новиот, актуелен закон за јавни набавки, покрај цената критериум може да биде и квалитетот.

Од РЕК Битола и од Електрани досега тврдеа дека го чекаа новото законско решение, бидејќи сакаат да купат квалитетни машини од светски реномиран производител, кои ќе траат долго и нема често да се расипуваат. Затоа и бодувањето на понудите е по формула, според која, најмногу 60 бода може да се добијат за цена и 40 бода за квалитет.
Од имињата на понудувачите, видливо е дека ниту еден од реномираните светски производители на тешка механизација не одлучил директно да се пријави на тендерот. Некои од тие „големи“ играчи во бизнисот се: Катерпилар (САД), Коматсу (Јапонија), Хитачи (Јапонија), Волво (Шведска), Либхер (Швајцарија), Сани (Кина). Сепак, поголем дел од пријавените на тендерот се застапници на повеќе и помалку познати марки, иако за помал дел и не може да се утврди дали воопшто работеле со продажба на тешка механизација.
- Технокомерц од Скопје е фирма која во 2018 година имала приходи од 5,2 милиони евра и 62 вработени. Според нивната интернет-страница, тие се застапници на кинески и полски производители на градежни машини (ЛиуГонг и Дреста);
- Теиком Тим од Битола во 2018 година имала 3 вработени и годишен приход од 440.000 евра. Фирмата нема интернет-страница во земјава, па не може со сигурност да се тврди кој производител го застапува. Но, во соседна Србија постои компанија со името Теиком, која е застапник на јапонски Коматсу и која има претставништво во Битола. Од достапните податоци, „360 Степени“ не беше во можност со сигурност да утврди дали станува збор за поврзани или засебни субјекти;
- Корковадо од Србија, според нивната интернет-страница, се застапници за неколку кинески марки: Шанту, Зумлајон и Јантаи;
- Мис-комерц од Скопје во 2018 година имале 54 работници и приходи од околу 2 милиона евра. Интересно е што оваа фирма која сега сака да продава механизација на РЕК Битола, има добиено околу 9,4 милиони евра од комбинатот во изминатите 15 години за изнајмување помошна механизација;
- Лагер од БиХ е застапник на повеќе светски производители, меѓу кои, корејски Хјундаи и американски Терекс. Имаат локално претставништво во Скопје за кое не може да се каже дека има завидни резултати;
- Интер Глобал е фирма од Скопје со 3 вработени и околу 250.000 евра приходи, според последниот финансиски извештај за 2018 година. Нема интернет-страница во земјава која кореспондира со нивното име за да се открие кого затапуваат тие и дали имаат искуство со тешка механизација;
- Синпекс од Битола во 2018 година остварила приходи од 17,7 милиони евра. Според нивната интернет-страница, застапници се на повеќе компании, меѓу кои, американски Џон Дир и швајцарски Либхер.
- Евро Стил, исто така од Битола, во 2018 година оствариле 4,8 милиони евра приходи. Нивната интернет-страница во моментов не работи. Според нивната Фејсбук-страница, видливо е дека станува збор за компанија која работи, пред се, со земјоделска механизација;
- Бугарски Инжконсулт, според нивната интернет-страница, се застапници на повеќе компании што произведуваат опрема каква што се бара за РЕК Битола. Некои од нив се кинески ХЦМГ и Шантуи, како и јапонски Коматсу;
- МГ Компанија од Скопје е фирма која на крајот на 2018 година имала 3 вработени и приход од околу 540.000 евра. Најзвучното име што тие го застапуваат е Волво;
- За МЦР Глобех Груп од Белград, Србија, не може со сигурност да се потврди кои производители ги застапуваат, од едноставна причина што нивната интернет-страница во моментов не работи;
- Каргомакс од Илинден, Скопје, е компанија која во 2018 година остварила приходи од 6,6 милиони евра и имала 16 вработени. Според нивната интернет-страница, тие работат, пред се, со камиони и тоа од линијата на Ивеко.
Првичниот филтер допрва следува
Сега, откако се отворени понудите, задача на комисијата во РЕК Битола ќе биде да утврди дали пријавените ги исполнуваат формално-правните услови на тендерот. Некои од нив, на пример, се висината на годишните приходи, гаранција за квалитетно извршување на договорот итн.

„По завршувањето на евалуацијата, понудите кои ќе ги задоволат сите барани критериуми наведени во тендерската документација и објавени во огласот за јавната набавка, ќе учествуваат на електронска аукција на Електронскиот систем за јавни набавки“,
велат од РЕК Битола.
За 20 години потрошени 370 милиони евра за изнајмување механизација
Набавката на сопствена механизација за РЕК Битола е најскапиот нереализиран тендер во земјата. Последното истражување на „360 степени“ покажа дека од 2000 до 2019 година, комбинатот потрошил 370 милиони евра за изнајмување механизација.
Најголемата „експлозија“ на трошоци се случува во периодот 2009-2016 година, кога годишно се трошеле меѓу 35 и 50 милиони евра. Во последните две години трошокот е намален, но сепак се движи од 15 до 20 милиони евра.
ПОВРЗАНА ВЕСТ: Најскапиот неспроведен тендер во земјава чини 370 милиони евра