Во изјава за турската агенција Анадолија, македонскиот претседател нагласува дека С Македонија моментно не чека влез во ЕУ, туку почеток на преговорите
Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, изјави дека раководството на Европската Унија и европските партнери се одговорни за одложувањето на процесот на интеграција на земјата, како и на Турција, кои со години имаат статус на кандидати, пренесува агенцијата Анадолија.
„За жал, европските приказни за двете земји не се успешни. Никој не е виновен. Би сакал да барам вина од нас, но не можам да избегнам да зборувам за голата вистина. Нашите европски партнери и Брисел се одговорни за тоа“,
изјавил Пендаровски за турската новинска агенција.
Пендаровски додаде дека Северна Македонија чека во процесот на интеграција во ЕУ повеќе од 16 години од 2005 година.
„Сè уште го чекаме почетокот. Чекаме почеток на преговори, а не за влез во ЕУ. Заедно со долгогодишните несогласувања што ги имавме со соседна Грција, друг проблем се блокадите што доаѓаат од нашиот источен сосед Бугарија“,
рече Пендаровски.
Тој додаде дека, спротивно на традицијата на интегративните процеси, некои историски теми постојано се ставаат на маса.
„Се обидуваме да ги надминеме блокадите, на некој начин, и да го започнеме процесот на преговори што е можно поскоро. Во овој контекст, можеме само да изразиме надеж. Нашата единствена надеж е да го започнеме процесот што е можно побрзо и дека, по неговото завршување, можеме да станеме полноправна членка. Се разбира, Северна Македонија и Турција се дел од обединета Европа, не само во географска, цивилизациска, културна и економска смисла, туку и во секоја друга смисла“,
нагласува Пендаровски.
Тој вели дека економската соработка меѓу Северна Македонија и Турција е засилена во изминатите 10 до 12 години.
„Денес Турција е во првите 10 инвеститори во земјата. Најновите статистички податоци покажуваат дека Турција е на шесто место на таа листа на десет најголеми инвеститори во Северна Македонија. И обемот на трговија меѓу нашите земји е помеѓу петтото и седмото место на таа топ 10 листа, што значи дека Турција е еден од најважните инвеститори во земјата“,
вели Пендаровски, кој минатата седмица престојуваше во Турција – на Самит на ПСЈИЕ во Анталија, додека во Истанбул имаше средба со вселенскиот патријарх Вартоломеј.