Густата борова шума фрла природна сенка на локацијата покрај Охридското езеро познато како Градиште. Парчето земја се смета за бисер охридски и поради местоположбата и поради големината од околу 100 000 метри квадратни. Ова, сега атрактивно земјиште, до 1957 година било во сопственост – дел на локалното население од Пештани, дел на МПЦ. Но, таа година, државата им го конфискувала имотот на овој потег заради општ интерес. Врз парцелите на пештанци е изграден познатиот автокамп Градиште.
По осамостојувањето, Република Македонија го донесе Законот за денационализација со цел да ги исправи неправдите со конфискација на земјиште од претходниот систем. Во 2008 година МПЦ успеала да си го врати својот дел од имотот. Но, жителите на Пештани водат правна битка до ден денес.
„Не можеме да го вратиме имотот кој го бараме 21 година, видете какви објекти сега тука се поставени, а за сето тоа молчи инспекцијата од општина Охрид, инспекторатот, градежниот“,
вели Ѓорѓи Танески – барател на имот и претседател на Здружение „Оревче“.

Пештанци сметаат дека имаат право да им се вратат парцелите, бидејќи автокампот изграден врз нивната земја одамна не е државен.
„Некој прави пари, милионски суми, ние немаме пристап да дојдеме до нив. Ова го имаме кажано 10 пати до Влада, и сегашна и претходна, да се преземе нешто, има луѓе што им е на раб на нерви, викаат ќе одиме ќе запалиме и ќе сносиме одговорност ние. Има основ на враќање, со одлука на Влада се се решава“,
вели Танески.

Спорот денес го водат најмалку 36 семејства и наследници од охридското село Пештани.
„Цела плажа прва моја е таму. Одземено му е на мој прадедо. Дедо ми – не го вратил, татко ми почина – не го врати, сега е на мене редот. Тоа е еден круг затворен“,
вели Горан Азески – барател на имот.

„Законот, ако е селективен, треба да ни кажат – вие од Пештани, не сте Македонци или не сте во Македонија, да си бараме чаре на друго место. Значи, имотите да се вратат, прво тоа е нашето. Ако не може, Владата да ги врати, да не обештети“,
вели Љупчо Јузмески – барател на имот.

Како што налага Законот, секој барател на имот во Пештани засебно има акт со решение дека му е одземен имотот и тапија дека некогаш бил сопственик. Со овие докази си го бараат назад.

Надлежната Комисија за денационализација не сака да им го врати, бидејќи на земјиштето се изградил автокампот. Затоа, Комисијата им нуди на пештанци да ги обесштети, но цената е многу далеку од пазарната.
„Ценава што ја даваат 275 денари, по четврти пат ми се чини, кој би ја прифатил?
Новинарско прашање: И вие одново и одново ги обжалувате?
Одново и одново, овие документи пред мене што ги имам се малку, дома имам уште три пати по толку документи. Еве ги носам, оргиналните тапии од 1936 година, од дедо ми. Наш имот, одземен со декрет на тогашната Народна Република Македонија“,
вели Наум Цаноски – барател на имот.

Решенијата за обесштетување со толку ниски цени, пештанци ги обжалуваат пред Управниот суд. Таму, велат, во неколку наврати добиле пресуди во нивна корист, но повторно нема епилог.
„Управен суд имаше донесено три пресуди во нашата корист, ги поништува решенијата на првостепената комисија и вика – дајте ми цена пазарна од даночно одделение од општина Охрид која е. Тие не одговараат. После му одговара првостепена комисија, му дава цена од 6 000 денари, да сега цената од УЈП, од даночно одделение е 8 000 денари од квадрат, а не е 200 денари. Наоѓаат од 1957 година, земјоделско земјиште, нека ми го вратат како земјоделско земјиште не сме против, а цена од 200 денари за нас не е прикладна“,
вели Ѓорѓи Танески – барател на имот и претседател на Здружението „Оревче“.

И покрај тоа што мислењата на вештите лица дека дел од парцелите таму сега достигнуваат цена и до 200 евра, Комисијата за денационализација останува на ставот дека 275 денари по квадратен метар е реална цена.
„Имајќи предвид дека според актот за одземање не може да се определи класата на земјиштето, вредноста е утврдена како просечна вредност од износот на 4-та, 5-та, 6-та и 7-ма класа… Висината на износот на надоместокот е определенa соодветно со времето на влегување во сила на Законот за денационализација и времето на поднесување на барањето за денационализација, како и во согласност со начелото на еднаквост уредено во член 9 од Уставот на РСМ“,
велат од Комисијата за национализација.
Оттаму велат дека обесштетувањето е единствен начин за компензација. Земјиштето, велат, не може да се врати, бидејќи е исполнета целта за која е одземен имотот – изграден е автокамп.
„Во времето кога се донесени правосилните решенија за денационализација од страна на првостепените Комисии за денационализација, Комисијата за функционалност на градежното земјиште кое е во функција на објекти излеглa на лице место и утврдилa дека соодветните катастарски парцели не може да бидат предмет на реално враќање“,
смета Комисијата за денационализација.
Додека трае спорот дали може или не може да се вратат парцелите и каков тип на земјиште се тие, од што зависи цената за обесштетување, револтот кај пештанци го крева фактот што Градиште функционира по свои, приватни правила. Таму имаше журки во спротивност со мерките за заштита од ковид-19 пандемијата. Градиште доби и парапетче, кое експресно се отстрани.

Дополнително, иако земјиштето под кое е автокампот Градиште сè уште е на Република Македонија, со него управува компанијата „Инекс Горица“, која одамна е во приватна сопственост. Најголемиот акционер во „Инекс Горица“, Божо Илоски, познат како Бошко Ремис, вели дека тие го имаат кампот во владение и дека го издаваат на помали закупци. Во моментов, таму стопанисува фирмата „МКМ Нова Трејд“, со петгодишен договор до 2024 година. „МКМ Нова Трејд“ годишно ѝ плаќа на „Инекс Горица“ околу 57 000 евра за закуп, а потоа тие ги издаваат камповите на поединци.

Ќар си има и „Инекс Горица“ и фирмата- закупец. Но, кој е ќарот на државата или јавниот интерес?
На ова прашање не добивме конкретен одговор од Државното правобранителството, кое треба да го штити државниот интерес во спорот меѓу Пештанци и Комисијата на денационализација. Во однос на враќање на земјиштето, Правобранителството е на иста линија со Комисијата и оценува дека барањата за враќање на имотите се основано одбиени.
„За враќање на одземениот недвижен имот законски услови постојат само доколку по одземањето не била реализирана целта поради која имотот бил одземен … Постапувајќи по поведените управни спорови, поврзани со тој регион, Вишиот Управен суд утврдил дека предметните земјишта се наоѓале во оградениот круг на автокампот Градиште и на нив постоеле пристапни патеки, камп приколки и простор околу нив, па поради тоа не може да бидaт вратени“,
ни одговорија од Државното правобранителство (Охрид).
И додека државата одбива да им ја врати земјата или да ги обесштети по пазарна вредност, Пештанци алармираат дека е во тек обид да се легализираат дивоградби во автокампот.
Па, прашавме во општината – колку барања за легализација добиле за овој потег. Локалната власт не одговори ништо за легализацијата, но ни кажа дека минатиот месец имало инспекција во автокампот.
„Извршен е комплетен надзор на 15 автокамп приколки, при што се затекнати бетонски подлоги, метални настрешници, целосно затворање на автокамп приколките со лим, дрво, алукобонд и водоотпорни гипс картон плочи. Затекнати се недозволени дрвени и метални конструкции и времени објекти. На одредени локации се затекнати и приклучоци за водоводна мрежа, канализациона мрежа и електрична енергија“,
велат од општина Охрид.
Оттаму за „360 степени“ одговорија и дека субјектот што стопанисува со автокампот не поседува одобрение за поставување времени објекти, за изведба на платформи од дрвена и метална конструкција, ниту пак настрешници кои се поставени над автокамп приколките.
„Констатираната моментална состојба е надвор од сите одобрени проекти и законски прописи. Врз основа на тоа, Одделението за инспекциски надзор донесе Решение за отстранување на времените објекти, платформите, настрешниците, армиранобетонските плочи, плочите од бекатон плочки“,
велат од општината.
Актуелниот закупец на автокампот – „МХМ Нова Трејд“, вели дека стопанисуваат со наследена ситуација. Закуподавецот – „Инекс Горица“, пак, вели дека за моменталната состојба одговорност има моменталниот закупец.
Додека никој не презема одговорност што Градиште е на пат да стане градежна зона, развојот на настаните е од животна важност за пештанци. Стравуваат дека ако монтажните кампови станат цврсти градби и се легализираат, тогаш дефинитивно губат шанса за враќање на имотите.

А ветувања дека проблемот ќе им се реши стигнуваат пред секои избори во изминативе 20 години.
„Последно, премиерот Заев ни обеќа во киното во Охрид, дека таму ситуацијата е чиста, дека ќе се реши, ќе ви го вратиме имотот, или ако не ви го вратиме имотот, ќе ве обештетиме, за на крај повторно да сакаат да направат национализација на имотот со по 240, односно 270 денари од квадрат. Мислам ова го нема нигде, вратени се сите имоти во Македонија“,
вели Томислав Танески – бартел на имот.

За ветувањето на премиерот Заев кон Пештанци постои и видео запис.
„Целта ни е таму кај што ги има конечните документи, дека земјиштето е слободно, дека нема товар, дека некој не го продал, дека нема ништо изградено – да го врати. Затоа што на луѓето што ќе го вратиме или они ќе го градат или ќе го продадат некој да го гради. Прво е ресурс за развој. Конечно, што и да беше, а најмногу е злоупотреби внатре – да расчистиме. Затоа сите институции ги собравме на место… Ако е земјиште, наследство, оставштина – треба да се врати“,
вели Заев на трибина во Охрид.
Сега,на прашање на „360 степени“, премиерот вели дека го кажал личниот став и како премиер, но институциите треба да си ја завршат работата.
„Јас мојот став сум го кажал јавно како Зоран Заев и како претседател на Владата, но знаете дека за тоа согласно законите има комисии, има второстепени комисии, има Управен суд има и Виш Управен суд. Уште еднаш ја користам приликата да ги охрабрам да ги завршат ваквите постапки, затоа што секој што има тапија, заслужува да биде вратено во првна законска постапка. Овде е потврдено дека тоа било нивно, и решението што Комисијата го одлучува е да плати – веројатно несоодветен надоместок. Затоа и постојат судовите кои треба тоа да го утврдат. Мое очекување е брзо да завршат институциите. Јас испратив порака и до Министерството за финансии – Комисијата и до Државното правобранителство, тие се под Владата, судовите не се. Да ја убрзаат постапката и да бидат унисони во одлуките. Да не се случи една институција од извршната власт донесе една одлука, друга друго, тогаш е играње играчки со нашиот народ. Се надевам дека многу бргу ќе ги завршат постапките, затоа што на неколку пати имама разговарано со државните институции.
-Но, не се на став да се врати имотот.
Зоран Заев не смее да носи ставови за судовите што треба да одлучат. Јас го кажав тоа што смеам да го кажам“,
вели премиерот.

Ниту Комисијата, ниту правобранителство немаат одговор кога би завршила сагата со пештанци, а веќе следната недела повторно е закажано рочиште за овој спор. Пештанци едвај чекаат кампања за локални избори, на која најавуваат герила акции и протести.
„Тоа се враќа со една владина одлука. Нека ни го вратат нас, па нека ги обештетат тие од Инекс Горица, тоа е многу лесно, него работата е огромни пари се во прашање и не им е во интерес да го вратат воопшто, него од интерес им е од година во година профит да прават таму“,
вели Горан Азески – барател на имот.
„Да ни ги вратат имотите или да не обештетат по цена која е пазарна и која е одредена од вешти лица, а не по цена со која би направиле нова национализација, тоа никако не е прифатливо и ние нема да се откажеме додека сме живи“,
вели Томислав Танески – барател на имот.