Никој на пробата на женскиот младински хор „Менада“ не се осудува да се раскомоти. Просечната возраст на групата е 21 година. „Златните грла“ се добитници на низа домашни и меѓународни признанија. Заслужни се што Тетово е град со хорска традиција, а се културно обележје и на државава, но:
„Работиме во просторија 5 на 4, во дуќан, на улица, значи 20 квадрати за толку девојки е навистина недоволно. Ние сме побарале помош, но разговор на глуви е кога се бара помош“,
вели диригентот, маестро д-р Ивица Зориќ.
„Би сакала подобри услови од овие што ги имаме сега, затоа што, сепак, застапуваме една организација која освоила многу награди, сме учествувале на многу фестивали и во земјава и надвор“,
рече Саша Јовановска – членка на женскиот младински хор „Менада“.

Врсници на хористите од Тетово имаат намера да го променат ова. Со поддршка на ОБСЕ, се родила идеја за формирање Локален младински совет, кој преку притисок до Општината ќе се обиде да обезбеди подобри услови за сите секции на младите тетовци.
„Би очекувал нашите топ три активности да бидат кон уредување на јавниот живот. Младите во Тетово немаат заеднички простор каде што ќе можат да излезат, а да не биде кафе-бар или кафеана и да не биде поделбата на Македонци и Албанци, туку да биде заеднички простор“,
вели Ристо Савески – потпретседател на Локален младински совет – Тетово.
„Различни организации, различни спортски клубови кои доаѓаат од истата општина ќе имаат отворени врати за да се обратат за каков било проблем во врска со она што им пречи, да продолжат со својата работа и ние ќе бидеме советот што ќе ги штити сите интереси, без оглед, на сите граѓани, на младите во градот Тетово“,
додава Ољти Есати – претседател на Локалниот младински совет.

Идејата на овие млади ентузијасти првпат добива законска рамка што ги прави официјален Локален младински совет. Собранието неодамна го донесе Законот за младинско учество и младински политики, со кој институциите од локално до централно ниво се задолжуваат да го слушнат и поддржат гласот на младите и да издвојат пари за нивните потреби.
Според овој закон, млади се луѓето на возраст од 15 до 29 години. За да може да учествуваат и да предлагаат младински политики, потребно е сите организации за млади месецов да се впишат во регистарот на Агенцијата за млади и спорт. Откако ќе се пребројат организациите, ќе се формираат тела на централно и на локално ниво.
Со најмалку две третини од регистрираните се свикува Национално собрание за млади, како највисоко тело, кое креира, застапува и ги координира младинските политики. Собранието ќе делегира девет претставници во Националното советодавно тело, а осуммина претставници ќе има централната власт. Советодавното тело дава мислења за спроведување на политиките, за буџетските пари наменети за млади, иницира разгледување на прашања за младите на ниво на Влада, ги следи препораките на Европската Унија за млади… Трошоците за работа на Советодавното тело ги покрива Владата, која од државната каса треба годишно да двои по најмалку 0,3 отсто заради спроведување на законот.

Паралелно и општините и Градот Скопје ќе треба да се приспособат на законот. Прво, локалните младински организации, партиски подмладоци, ученички и студентски организации и други облици на младинско здружување се повикуваат во локално Собрание на млади. Собранието преку веб-страницата на општината објавува јавен повик за локалниот младински совет, чии членови се избираат по пат на тајно гласање. Локалниот младински совет добива верификација од Советот на општината, а потоа советниците би требало на дневен ред на седниците да ги вметнуваат точките предложени од локалната младина.

Општината како сервис за млади треба да отвори канцеларија за координација на работата меѓу локалната самоуправа и младите, со која ќе управува службеник за млади, најдоцна за една година од донесување на законот. Дополнително, должни се да отстапат младински центар како место за изразување на младите, но за тоа имаат рок од 5 години. Сите активности и простории се покриваат со пари од општинската каса, најмалку 0,1% од годишниот буџет.
Голем придонес за вакво законско решение даде пратеничката Ивана Туфегџиќ. Пред да влезе во Собранието, таа ги бранеше правата на студентите, како категорија на млади, во првите редови на протестите. Сега Туфегџиќ верува дека институциите, како што предвидува законот, ќе се приспособат во период од една до пет години.
– Нема предвидено санкции, што доколку не се приспособат?
Ах, точно нема. Меѓутоа, целта не е да санкционираме, целта е ние да поставиме рамка, во која младите организирано ќе учествуваат и на локално и на централно ниво, во сите процеси што се однесуваат на нив. Оттука, тргнуваме по логиката дека локалните младински совети и локалните самоуправи, меѓутоа и централната власт ќе го почитува и законот, но и желбата на младите да партиципираат.
– Верувате дека законот ќе се почитува?
Верувам, да… јас не велам дека ова е совршено законско решение, тоа не постои, меѓутоа почнуваме од нула и ќе ги видиме проблемите во имплементацијата, па некој следен состав на парламентот, повторно со се надевам консензус, ќе ги инкорпорира тие проблеми што ќе се јавуваат. Таа рамка му овозможува на младиот човек да го каже тоа што го бара преку еден организиран систем. Мислам дека ние, особено по студентските протести, научивме дека политики, закони и мерки се креираат одржливо“,
смета Туфегџиќ.

Дури и да се јави отпор кај домашните институции, тука е Европската Унија. Столб за односот на ЕУ кон младите е Младинската стратегија на Унијата за периодот 2019-2027 година, предложена токму од млади. Во неа главната одговорност се лоцира кај државите членки преку 11 стратегиски цели, меѓу кои: Поврзување на ЕУ со младите, унапредување на статусот на младите од руралните средини, квалитетно учење и вработување за сите, одржлива зелена Европа, а се земаат предвид и дејствувањата на младинските организации .
Целта е младите да станат вистински мост во општеството, а земјите членки се охрабруваат да ги имплементираат целите, на пример, преку младински совети. Ќе се снајде ли и Северна Македонија?
„Не би требало да ја нема желбата за комуникација и работа со младите, тоа е убава работа, ќе имаат свежа енергија во сите тие процеси… Мислам дека треба да размислуваме европски. Ако се стремиме како држава кон еден европски пат, така треба и да се однесуваме, треба да нè понесе таа демократија што ја има во демократските земја, така што мислам дека не мора санкции, си има законска работа која треба да се почитува, се знае што е одговорот на непочитување на младите.
– Како ќе го приближите законот до младите?
Веќе е подготвена кампањата на социјалните мрежи каде што се известуваат младите за придобивките од законот, што е тоа што треба да побараат и им следува од надлежните, така што од следната недела почнуваме со јавни консултации“,
вели Бојан Петровски –претседател на Национален младински совет на Македонија.

Ако Тетово може да служи како пример во напредна фаза, тогаш ветувањето од Општината е дека овие простории ќе бидат дадени „во владение“ на Локалниот младински совет.

Тие уште чекаат клуч за да видат што би можеле да им понудат на врсниците од локалните секции. Дотогаш активните млади тетовци, како во хорот „Менада“, ќе продолжат да се снаоѓаат како знаат и умеат.