Во Основниот кривичен суд во Скопје утрово продолжи изведувањето на материјални докази во случајот „Рекет“, каде што обвинети се Бојан Јовановски-Боки 13 и Катица Јанева.
Материјални докази се изведуваа и вчера кога во најголем дел од рочиштето се читаше што сè е запленето од домот на Јовановски – 71 вреќа гардероба, а потоа се продолжи со прикажување фотографии, но не се стигна со презентација на сите парчиња облека.
Така, денеска се презентираа фотографии од облека од 30-ината вреќи кои вчера останаа невидени. Меѓу облеката беше и сребрената наметка, креација од Луј Витон, со која Боки го привлече вниманието на еден јавен настан.
„Костумот што го носам на себе е инспириран од приказната ‘Волшебникот од Оз’. Тоа е од последната колекција на компанијата ‘Луј Витон’, но има друга симболика. Имено, сите средства купени од оваа последна колекција одат во борба против тероризмот и насилството. Пораката зошто јас го носам сето ова е голема“,
изјави Боки кога се појави со оваа наметка на доделување на наградите „Стори“ на 26 март 2019.

Покрај Луј Витон, од презентираното можеше да се видат и други брендови како Версаче, Гучи, Викторија Бекам, Долче и Габана итн.
Мал дел од гардеробата, според она што можеше да се види, беше некористена бидејќи етикетите не се отстранети.
Понатаму се презентираа фотографии од претрес во стан на улица „Варшавска“, кој, како што кажа обвинителката Ивана Трајчева, го користел обвинетиот Јовановски. Освен дека станот го користел Боки, таа не дообјасни дали станува збор за домот на неговите родители. Од фотографиите од ова место можеше да се види дека биле запленети голем број банкноти од по 50 евра, српски динари, како и неколку пиштоли и муниција.
На рочиштето само се прикажуваа фотографии и не стана јасно за чие оружје станува збор, но за потсетување, неодамна обвинителството поднесе обвинение за случајот „Рекет 2“ во кој е опфатен и таткото на Боки, Миле Јовановски, кој меѓудругото се товари и за неовластено поседување три полуавтоматски пиштоли и муниција.