На приватно земјиште на семејството Јусуфи е изградена полициска станица на сообраќајната полиција во Тетово, но до ден денес, факт што може секој да го провери во Катастарот, земјиштето се води на Јусуфи
Трета генерација од семејството се обидува да го реши проблемот, но засега не успева. Во меѓувреме, Јусуфи плаќаат данок на имот за парцела што со децении ја немаат под владение
Кој и да патувал од Скопје кон Гостивар, тешко да забележал дека поминал покрај зградата на сообраќајната полиција кај клучката за влезот во Тетово. Високото зеленило не го крие само објектот туку и еден огромен, четиридецениски апсурд во држава што сака да се нарекува – правна.

Името на човекот на снимките е Надир Јусуфи, чиј веќе остарен татко секоја година плаќа данок на имот за парцелата со број 6757/2. Но, додека за државата семејството Јусуфи е даночен обврзник за таа парцела, тие на неа имаат проблем да дадат дури и изјава за медиум.

Проблемот е неверојатен. На приватното земјиште на семејството Јусуфи е изградена полициската станица на сообраќајната полиција, но до ден денес, факт што може секој да го провери во Катастарот, земјиштето се води на Јусуфи.
На 26 јуни 1982 година е донесена одлука со која дел од парцелата 6757/2 со површина од 1645 квадратни метри е даден на Републичкиот секретаријат на Министерството за внатрешни работи на тогашна Социјалистичка Република Македонија, и оттогаш Министерството за внатрешни работи не презема никакви чекори за решавање и започнување на постапката за експропријација што е предвидена во точка 2 од оваа одлука,
вели Јусуфи.
Надир Јусуфи, кој и самиот е правник, е трета генерација која се обидува да го реши спорот.
Се почнува во 1970 година кога тогашниот земјоделски комбинат Полог одземал земјоделско земјиште на семејството Јусуфи на други локација, за што ги компензирал со нива, сега спорното земјиште на влезот на Тетово.
Со судска пресуда од 1976 година му се наложува на Полог да го впише правото на новата парцела на семејството Јусуфи, откако комбинатот признал дека направил таква трампа.
Во 1982 година Собранието на општината Тетово носи решение за доделување на парцелата на Министерството за внатрешни работи, за изградба на полициската станица. Но, ниту општината, ниту МВР почнуваат постапка за експропријација, па земјиштето на хартија останува во сопственост на семејството Јусуфи, иако во реалноста не е така.
Бидејќи физичко лице не може да почне постапка за експропријација, Јусуфи се обиделе да си го вратат владението со судска постапка за денационализација. Само на кратко, имале еден успех пред Управниот суд, но на крај Судот пресекол дека нема што да се денационализира, бидејќи земјиштето си е нивно.

Упатив барање до Више управниот суд и таму моето барање беше одбиено, до Уставниот суд имав само една иницијатива, само ги цитираат законите и не се базираат на фактичка ситуација со реалноста дека еден граѓанин нема сила да се справи со државата, ги користи правните средства, но нема сила да се справи со државата.
вели ЈусуфИ.
Бидејќи не успеал и со денационализација, а не може сам да бара експропријација, Јусуфи прво се обратил во општина Тетово, која го доделила неговото земјиште на МВР во 1982 година. Тука наишле на уште една сопка по патот – му одговориле дека не можат да го сторат тоа.
Општината е надлежна кога работи со плоштади, улици, може да даде предлог за експропријација, но во овој случај, МВР треба да му даде согласност на Државниот правобранител, Државниот правобранител да подготви предлог за експропријација, со кој ќе се повикаат страните кои го поседуваат земјиштето, им се нуди договор на кој начин е многу релевантен, или во смисла на компензација за различно земјиште, или во смисла на компензација на вредноста.Но,најдобро е да се иницира чекор и да се реши ова прашање,бидејќи навистина кога земаме предвид дека во 82 година започна, ние сме во 21 век во 2021 година.Јас го наследив ова прашање, не сакам после мене и другите да го наследат,
рече Јусуфи.

Според упатствата од општината, Јусуфи се обратил и до Министерството за внатрешни работи. Досега не наишол на слух. Кога за случајот до МВР се обрати „360 степени“ од таму ни рекоа дека се отворени да разговараат со Надир како сопственик на земјиштето за да се најде решение за овој проблем.

Тој објект е користен и изграден и се користи и ден денеска. Се разбира, ние како МВР имаме и постапка пред Министерство за транспорт и врски во врска со овој објект, но и ги штитиме интересите на нашата институција ние сме должни тоа да го направиме. Но, се разбира, подготвени сме да го разгледаме овој проблем – да се види со граѓанинот каде е проблемот и, евентуално, да се најде решение доколку можеме ние да помогнеме во разрешување на проблемот,
вели Ангеловски.

По речиси 40 години, ова се првите јавно изговорени зборови дека не само што семејството Јусуфи можеби ќе добие компензација за својот имот туку и дека нема да мора да плаќа данок за парцелата што не може да ја користи.
Надир Јусуфи, пак, не бара ништо повеќе од тоа што му следува.
Јас сум задоволен само да се почитува законот, само за тој дел за 1645 квадратни метри што е даден за полициската станица да се обештети, или со друго земјиште со таа површина или со компензација на реалната пазарна вредност на ова земјиште, ништо друго, така да се почитува законот за експропријација, но и Уставот,
рече Јусуфи.
