Премиерот Зоран Заев и македонската делегација, во состав од шефот на дипломатијата Бујар Османи и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, пристигнаа на Самитот на НАТО во Брисел, каде што првпат ќе учествуваме како полноправна членка. Таму Заев ќе се сретне и со бугарскиот претседател Румен Радев, а на новинарско прашање за оваа средба тој рече дека од разговорите може да се очекува само исчекор кон подобра иднина.

„Сите средби донеле бенефит за нашата земја. Од разговорите можеме да очекуваме само исчекори кон подобра иднина за целиот македонски народ, за сите наши граѓани, за нашата земја. Јас очекувам дека низ разговори можеме да најдеме решение затоа што навистина е предолго. 20 години со Договор за асоцијација и стабилизација, 16,5 години земја кандидат. Верувам дека првиот сосед, Република Бугарија, конечно ќе даде поддршка да го направиме следниот чекор, а тоа е одржување на првата меѓувладина конференција“,
рече Заев.
За присуството на Самитот, пак, потенцираше дека ова е историски момент за Северна Македонија бидејќи е наше прво учество како земја членка и испрати порака за посветеност на визијата да имаме Балкан од 21 век.

„Чест е да се биде овде. Ова е историски момент за мојата земја, ова е прв Самит на НАТО за Северна Македонија како полноправна членка. Исто така, е прв сами на НАТО со 30 земји членки. Ова е голем успех и за Северна Македонија и за НАТО. Членството во НАТО беше реализација на нашата стратешка цела, но уште повеќе, со нашето членство Алијансата ги подобри безбедноста и стабилноста на Западен Балкан. Ние сме посветени на визија за Балкан во 21 век, како регион на мирот, стабилноста и зголемена економска соработка и носење економски бенефит и просперитет за сите граѓани. Денеска сме тука да ги реафирмираме нашите единство, кохезија и солидарност. Исто така, ќе ги адресираме идните предизвици и заедно ќе носиме стратегиски одлуки за иднината на НАТО. Делиме исти вредности, стоиме рамо до рамо со нашите сојузници и сме целосно посветени на нашата колективна безбедност затоа што ние сме НАТО, посилни сме заедно“,
рече Заев.