По најавите за собирање потписи и организирање локален референдум, од компанијата најавуваат дека ќе покренат правни дејства против засегнатите страни за опструкции на работата
Неиздржани се реакциите и противењата за изградба на хидроцентрала на Мала Река, реагираат од концесионерот „ДИС енергија“, по најавите за собирање потписи и организирање локален референдум.
Од компанијата велат дека сите процедури во постапката за добивање дозвола за градба се испочитувани.
За изградбата малата хидроцентрала блиску до акумулацијата Гратче, на барање на граѓанскиот сектор, ОЈО Кочани покрена случај за преиспитување на регуларноста за издавање согласност за градба кој заврши со позитивно мислење за инвеститорот.
Локалната самоуправа на Кочани ја доставила потребната документација до обвинителството, со цел да се утврди фактичката состојба, по што Обвинителството писмено ја известило Општината дека нема законски пропусти и дека инвеститорот постапил соодветно на одредбите.
„За изградбата на мала хидроцентрала под Пониква, покрај позитивното мислење од Обвинителството и постапувањето согласно одредбите, компанијата даде најповолна понуда на јавното лицитирање за прибирање понуди и отворила банкарска гаранција во износ од 765 000 денари. На 11 април 2018 година, уредно е склучен концесиски договор, а 15 дена подоцна компанијата платил еднократен надоместок за концесија во износ од 689 500 денари“,
велат од компанијата „ДИС енергија“.
Во однос на прибирањето на потребните дозволи, концесионерот поседува дозвола за користење на вода, инфраструктурен проект како инвестиционо-техничка документација од страна на Општина Кочани и решение за комуналии.
Од компанијата нагласуваат дека со потпишувањето договор за комуналии, кој е последен документ во постапката пред издавање на одобрение за градба од страна на надлежните, постапката била успешно завршена.
Поради почитувањето на сите процедури и тоа што нема правни пречки, од компанијата сметаат дека надлежните се обврзани да издадат градежна дозвола.
За опструкциите на работата, од компанијата најавуваат дека ќе покренат правни дејства против засегнатите страни.
