Премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи вечерва се на работна вечерва со францускиот претседател Макрон по повод 28 години од дипломатските односи
Вашата земја заслужува да ги почне преговорите без одложување, порача вечерва францускиот претседател Емануел Макрон на заедничката изјава со премиерот Зоран Заев пред Елисејската палата во Париз.
Макрон рече дека двете земји одржуваат доверливи односи на соработка од независноста на Северна Македонија, потсетувајќи дека Франција придонесе во мировното решение на меѓуетничкиот конфликт во земјата што доведе до Охридскиот договор.
„Од тогаш, тоа ќе го кажам со големо признание и воодушевување, патот на Македонија беше извонреден. Денес ве примам како сојузник во Париз неколку дена пред Самитот на НАТО. Со полна поддршка на Франција, вашата земја станата членка на Алијансата, откако стави крај на разликите со Грција. Договорот од Преспа кој вие го изработивте, драг Зоран, заедно со Алексис Ципрас заслужува да се нарече историски. Вие покажавте голема политичка храброст за да успеете и да го убедите вашиот народ. Сакам да потсетам овде дека ништо не беше напишано однапред, вие го изградивте и носевте со Алексис Ципрас и го зацврстивте“,
нагласи Макрон.
Во однос на интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија, Макрон призна дека на Франција се гледаше како на „тежок и строг партнер“.

„Но, јас сум чесен партнер, кога се ангажираме на еден пат треба да бидеме јасни за содржината и целта и да не се остави земјата на пат кој изгледа невозможен“,
додаде францускиот претседател.
За одлуката за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија со ЕУ и на исполнетите услови, францускиот претседател нагласи:
„Време е да се конкретизира оваа одлука и ние ќе работиме да се најде решение за почеток на преговорите“,
додаде Макрон.

Со јавната поддршка за Договорот од Преспа, за регионот и за реформите во С Македонија, францускиот претседател Емануел Макрон има посебно место во развојот на македонско-француското пријателство, изјави Заев, пред работната вечера.

Во изјавата, македонскиот премиер говореше за француската поддршка во изминатите 28 години колку што траат дипломатските односи меѓу двете земји.
„Од една ваша изјава пред студентите во Сорбона, дека во Европа лежи нашиот идентитет и Европа ни дава иднина, силно верувам дека Франција може да биде мотор за проширување на ЕУ кон Западен Балкан. За нас е важно што Франција го поддржува овој процес врз основа на поставените критериуми. Самитот во јуни е шанса за наш напредок и да го тргнеме ветото“,
рече Заев.
За предлог-решението на португалското претседателство рече дека е добра основа и дека нашата земја е подготвена за заемно прифатливо решение во рамки на Договорот за пријателство, но дека за јазикот и идентитетот не може да се преговара.
Заев, исто така, рече дека очекува зголемување на динамиката и на економската соработка меѓу С Македонија и Франција.
Како што соопшти попладнево владината прес- служба, премиерот Заев, вицепремиерот Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи вечерва се на работна вечерва со францускиот претседател Макрон по повод 28 години од дипломатските односи.