Поразувачки е фактот дека, иако географски и цивилизациски припаѓаме на Европа, ги негуваме европските вредности, и кај нас се случуваат кршења на човековите права. Сè уште има малолетничките бракови, родово базираното насилство и други штетни навики, смета сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска, која беше еден од говорниците на панел-дискусијата, во организација на УНФПА во С Македонија
„Телесна автономија – основа на човековите права“ е темата на која денеска се одржа панел-дискусија со цел да се зголеми интересот, размислувањата и да се промовираат акциите за телесната автономија и сексуалното и репродуктивно здравје, како и да се унапредат правата на жените и девојчињата, семејствата и заедниците…
„Панел-дискусијата беше важна можност за одржување на отчетноста на Програмата на Владата на Северна Македонија, која се обврза за телесната автономија, преку една од нејзините клучни области – родовата еднаквост. Оваа обврска беше потврдено преку усвојување на националните заложби за унапредување на Меѓународната конференција за население и развој (ICPD) од Самитот во Најроби во 2019 година“,
велат од Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) во Северна Македонија.
УНФПА го организираше хибридниот настан, во соработка со министерствата за труд и социјална политика и за здравство, француската амбасада, Канцеларијата на постојниот координатор на ОН и кабинетот на претседателот на државата, а во пресрет на јунскиот Форум за генерациска еднаквост, што ќе се одржи во Париз.
На настанот се говореше за очекувањата од форумот, но и за предизвиците во кои треба да се инвестира за понатамошно унапредување на родовата еднаквост, негување и проширување на успешните превентивни програми за репродуктивното здравје на жените и девојките, како и за напредокот кон остварување на Целите за одржлив развој на Обединетите нации.

Зборувајќи за родовата еднаквост, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска рече дека е при крај нацрт-верзијата на законот, за кој добиле покана да присуствуваат и на сесија на Венецијанската комисија.
„Работиме на финализирање на драфт-верзијата на законот за еднакви можности, за што имаме покана да присуствуваме на сесијата на Венецијанската комисија, каде што директно ќе преговараме за она што ќе биде вградено во законското решение, во смисла на трите нови родови механизми што се предвидени“,
рече министерката.
За она што досега е постигнато, таа ги потенцираше Законот за заштита од дискриминација и Законот за заштита од насилство врз жените и семејно насилство.
„Економската зависност на жените, традиционалната улога на жените во нашето општество, стереотипите…доведуваат до тоа насилството да биде присутно во изминатиот период. Меѓутоа, ние ја имаме законската основа, создадовме едно квалитетно законско решение, работиме со нашите меѓународни пријатели за воспоставување на правилниците за имплементација на законското решение и јас верувам дека многу бргу овие проблеми ќе бидат ставени во една рамка која ќе значи вистински напредок во сферата на човековите права“,
рече Шахпаска.

И таа и министерот за здравство Венко Филипче, кој беше уште еден од говорниците, го потенцираа новото законско решение за прекин на бременоста. Филипче потенцираше дека станува збор за модерен европски закон, во кој волјата на жената е на прво место и со кој единствено таа може да одлучува за своето тело. Министерот потенцираше и дека благодарение на првични проекти со УНФПА е остварено преполовување на перинаталната, неонаталната и раната неонатална смртност кај новороденчињата, а истакна и дека е направен напредок во програмите за превенција на ХИВ и воведени се нови терапии.
Сопругата на претседателот Стево Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска, во своето обраќање, истакна дека глобална цел на СЗО кон која треба да се стремиме е потребните услуги за сексуално и репродуктивно здравје да му бидат достапни секого во време и место во кои му се потребни и без финансиски потешкотии.
Она што го потенцираше Ѓоргиевска за заштитата на човековите права е и дека мора да се работи на подигање на менталитетот.
„Поразувачки е фактот дека, иако географски и цивилизациски припаѓаме на Европа, ги негуваме европските вредности, и кај нас се случуваат кршења на човековите права. Сè уште се случуваат малолетничките бракови, присутно е родово базираното насилство и други штетни навики. Тоа е недозволиво и неприфатливо. Затоа покрај законските решенија мора интензивно да работиме на промена на менталитетот и свеста на граѓаните. За жал одредени случаи поради традиционалистичкиот пристап постои опасност да ги загрозиме основите човекови права и слободи, но и животите на нашите граѓани“,
рече Ѓоргиевска.

Панел-дискусијата ја модерираше директорот на УНФПА за Северна Македонија, Џон Кенеди Мосоти, а говорници покрај Шахпаска, Филипче и Ѓоргиевска беа и Жули Марвел од Аташето за соработка при Амбасадата на Франција; Алана Армитаж-регионална директорка на УНФПА за Источна Европа и Централна Азија; Росана Дуџак, постојан координатор на Обединетите нации во Северна Македонија и Елизабета Божиноска-програмска директорка на ХЕРА.
