Стоев преку Твитер му порача на Османи дека очекува да се видат на состанокот во Анталија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи од 17 до 18 јуни ќе учествува на состанок на министри за надворешни работи на земјите членки на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), што се одржува во Анталија.
Османи на овој состанок учествува на покана на претседавачот со ПСЈИЕ, министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу.
ПСЈИЕ брои вкупно 13 земји членки од регионот на Југоисточна Европа кои покрај Северна Македонија се и Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Молдавија, Косово, Романија, Србија, Турција, Хрватска, Црна Гора и Словенија. Во рамките на ваквите состаноци вообичаено на маргините се одржуваат бројни билатерални средби меѓу министрите.
Состанокот во Анталија се одржува само неколку дена пред одржувањето на Европскиот совет на кој ќе присуствуваат само земјите-членки на ЕУ и тогаш ќе се знае дали Бугарија ќе каже „да“ за преговарачката рамка со С Македонија. Во Анталија ќе присуствува и сегашниот шеф на дипломатијата на Бугарија, Светлан Стоев, што значи дека македонскот и бугарскиот министер за надворешни работи ќе имаат можност да се видат уште еднаш пред јунските состаноци на ЕУ. Всушност, Стоев преку Твитер му порача на Османи дека очекува да се видат на состанокот во Анталија.

