За тоа колку време треба да помине од прележување до вакцинација, колегите во медицинските научни истражувања велат дека треба комплетно да бидат повлечени сите клинички симптоми од болеста, а тоа е најмалку еден месец после заздравувањето, вели директорката на Инфективната клиника
Директорката на Клиниката за Инфективни болести и фибрилни состојби Милена Стевановиќ вели дека вакцинацијата е главниот спас од која било инфекција, посочувајќи дека лицата треба да се вакцинираат независно од тоа дали прележале ковид-19 и каква била клиничката слика во текот на боледувањето.
„Вакцинацијата мора да се случи независно од прележаната болест и независно од тежината на прележаната болест. За тоа колку време треба да помине од прележување до вакцинација, колегите во медицинските научни истражувања велат дека треба комплетно да бидат повлечени сите клинички симптоми од болеста, а тоа е најмалку еден месец после заздравувањето. Секако дека овие пациенти ќе имаат имунитет најмалку шест месеци. Ние ги гледаме најкратките возможни рокови, повторно со предострожност да ги заштитиме пациентите“,
рече Стевановиќ во вечерашното гостување на вестите на Сител.
Таа потсети дека ниту една вакцина не може да биде стопроцентна заштита од одредена инфекција и равој на болест, но она што може да го направи е да го заштити човекот од исклучително тешки клинички слики и најнепосакувани исходи од болеста, смртните исходи.
Таа истакна дека важно е сите информации врзани со вакциналниот процес, со вакцините, било која од вакцините кои ни се расположливи во државата, да ги слушаат од медицинските лица.
„Сите социјални мрежи не се извор на медицински професионални информации. Навистина апелирам да се следат упатствата издадени на вакциналните пунктови, како и од Министерството за здравство. Повторно со цел тоа биде комплетно и соодветно вакцинирање, а не базирано на непроверени извори, во смисла на која вакцина, колку дози, дали некој треба или не треба, дали е паметно или не е паметно. Во овие ситуации во пандемиски размери на проширена инфекција навистина нема тука многу дилеми, освен еден и единствен извор на информации кој треба сериозно да се следи“,
потенцираше Стевановиќ.