Во однос на нејзините прогнози за состојбата со ковид-19 во претстојниот период, директорката на Инфективната клиника рече дека посакува мирно лето, но оти е потребна голема претпазливост
Инфективната клиника темелно се чисти и се дезинфицира целокупниот простор, но работата не е застаната, и во моментов се лекуваат 25 пациенти со ковид – симптоми, вели директорката на Инфективната клиника Милена Стевановиќ.
„Ние не сме застанати, во тек се темелни чистења на Клиниката за Инфективни болести и фебрилни состојби, дезинфекции на целокупниот простор, на целокупниот медицински мебел, опрема со која располагаме, затоа и апелирам секој еден од нас да не застане со заштитата од ковид-19 и да се придржува на она што е препорака за заштита од него“,
рече Стевановиќ, во интервју за Сител.
Според неа, новото модерно живеење, можноста да се стигне од еден до друг крај на светот за многу кратко време, ги отвора широко вратите за разнесување на ковид-19, особено поради летните одмори.
„Не смемее да се опуштиме и да мислиме дека пандемијата завршила комплетно. Ние сме отворена земја, следуваат и годишни одмори, што значи многу поголемо движење и токму поради тоа мораме да бидеме сериозно претпазливи, пред се за своето лично здравје. Веројатно и нови соеви ќе следиме и во идина, но какви ќе бидат не можеме да предвидиме, но поради тоа мораме да бидеме комплетно подготвени“,
вели Стевановиќ.
За новиот индиски сој на ковид-19, директорката на Инфективната клиника рече дека според информациите кои ги добиле од нивните колеги кои први се соочиле, тој полесно се шири и има потешка клиничка слика, како и британскиот сој.
„Некој конкретен заклучок навистина тешко може да се донесе. Она што е најзначајно е дека третманот, заштитата, превенцијата од вирусот и од овој сој на ковид-19 ни се разликува. Она што ни останува е и понатаму да бидеме исклучително посветени и професионални како здравствени работиници, а од друга страна сериозно одговорни како граѓани. Друг спас од превенирање од ковид-19 навистина немаме“,
нагласи Стевановиќ.
Во однос на нејзините прогнози за состојбата со ковид-19 во претстојниот период, директорката на Инфективната клиника рече дека посакува мирно лето, но оти е потребна голема претпазливост.
„Не смееме да внесуваме паника и немир кај граѓаните, но одговорноста мора да постои кај секој од нас. Тоа е она што е единствено практично, а од големо значење за развојот на епидемиолошката слика со ковид-19 во државата“,
истакнува директорката на Инфективната клиника.
