Во Тирана ќе потпишеме договор за заедничка контрола на границите со Албанија, по принципот „One stop shop“ со Србија, а следно е Косово, најави премиерот Зоран Заев, додавајќи дека крајната цел е да има „No stop, just go“.
„Најмалку што треба да направиме е да се обединиме во делот на заедничкиот настап, ослободувањето на границите за слободен проток на луѓе, на стока, на трговија на капитал, на информации. Навистина имаме што да ѝ понудиме на Европа, но и да примиме од неа. Затоа, со премиерот на Албанија, со претседателот на Србија ги разработуваме опциите за она што некои го нарекуваат ‘Мини Шенген’, а некои го нарекуваат зголемена регионална соработка. Ова е компатибилно со процесот на нашата интеграција во ЕУ, затоа што целиот регион економски зајакнува и така полесно ќе се интегрираме кон ЕУ“,
истакнува Заев во интервју за Еуроњуз Албанија, што го објавија од владината прес-служба.
Нагласувајќи дека сите земји од регионот се дел од ЦЕФТА, тој исто така, рече дека не само што треба да се унапреди она што е заедничко постигнато, туку и да се оди чекор понапред и да ѝ се покаже на Европа дека и заедно со нејзината помош, може да се направи уште повеќе.
„Губиме години, децении и затоа јас зборувам дека е возможно низ дијалог да се најдат решенијата за многу прашања во регионот. Да, треба да го почитуваме минатото, но тоа треба да биде основа за сегашноста и за иднината“,
вели Заев.
