Како што јави РТС, за имунизација се пријавиле 753 македонски граѓани, за кои се обезбедени вакцини на „Фајзер“
Во Србија продолжува бесплатната вакцинација на граѓаните од соседните земји. Во Врање викендов се вакцинираат граѓани од Северна Македонија, а во Лозница граѓани на Босна и Херцеговина, објави РТС.
Според српскиот јавен сервис, за време на викендот, во Врање за вакцинација се пријавиле 753 македонски граѓани, кои ќе бидат вакцинирани со вакцината на „Фајзер“. Досега во Врање се вакцинирани 1 105 граѓани на Северна Македонија, а двете дози ги имаат примено 836 лица.
Скопјанката Марина Петрова изјави дека закажала термин за вакцинација во С Македонија, но сака што побрзо да се вакцинира и да ја заврши агонијата со заштитните маски.
„Првенствено, за да се заштитиме. Не планираме да патуваме некаде, освен Србија и Република Српска“,
изјави на РТС Станоје Гордиќ од Скопје, кој заминал во Врање со целото семејство.
Според порталот „Србија денес“, во организација на Српскиот културен и информативен центар „Спона“ од С Македонија, во Врање денеска и утре ќе бидат вакцинирани околу 800 македонски граѓани. Во организација на „Спона“, исто така, на автопатот на Коридорот 10, во близина на граничниот премин Табановце, поставен е билборд – „Благодарам, Србија“, во знак на благодарност за донациите на вакцини за С Македонија, како и можноста нејзините граѓани во организирани групи да се вакцинираат во Србија.
