Првата пратка на буриња со опасни хемикалии од ОХИС е испратена на 14 јануари, а во Швајцарија стигнала по една недела. Втората пратка е извезена пред два дена

Вкупно 88 буриња со опасен отпад од некогашниот хемиски гигант ОХИС на почетокот на јануари се транспортирани во Базел, Швајцарија, соопшти Министерството за животна средина. Од извезените буриња, 84 биле со полни со отпаден метанол, а 4 со акрилонитрил.
„Нотификацијата од овој извоз е заверена на вкупна бруто-количина, вклучувајќи ги и палетите и пакувањето/бурињата, со вкупен износ од 16.700 килограми“,
велат од ресорното министерство.
Втората пратка е испратена пред два дена и патува за Базел. Извезени се дополнителни 88 буриња со нето-тежина од 15.441 килограми метанол.

Некогашниот хемиски гигант ОХИС е најжешката еколошка точка во земјава. Во старите хангари се кријат различни типови хемиски супстанции – остатоци од поранешното производство.
Последниот инцидент во ОХИС, кој минатата година предизвика паника во јавноста, беше истекот на вода контаминирана со хемикалијата метил акрилат. Во погонот во кој е складиран метил акрилатот подготвени за транспорт се и уште 11 различни видови хемикалии. Се чека транзитна дозвола за етапен извоз и уништување од швајцарските власти. За справување со овој отпад задолжена е фирмата „Екоцентар 97“ од Скопје.
Инаку, во дворот на ОХИС и натаму цистерната полна со винил хлорид. За неа се бара фирма која ќе може да ја отстрани.

Во однос на двете депонии со илјадници тони токсичен линдан, за чие отстранување обврска зема Владата, последната информација е дека тендерот за избор на фирма за чистење на малата депонија која се наоѓа во кругот на ОХИС е завршен. Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека се пријавиле вкупно пет компании и оти се евалуираат нивните понуди, по што во најкус рок ќе биде одбрана фирмата која ќе го отстранува токсичниот отпад. Откако ќе биде средена малата, ќе биде отпочната процедура за отстранување на линданот и од големата депонија.

Хемискиот гигант, чија дејност била производство на пестициди, киселини, детергенти, ПВЦ-пластика, бои и лакови, е во стечај. Според Генералниот урбанистички план на Град Скопје, таа локација е наменета за лесна и незагадувачка индустрија.