Министерството за надворешни работи (МНР) преку проектот „МКарта“ ќе ги вмрежува успешните луѓе од дијаспората. Тие ќе бидат вклучени во креирањето политики и носењето одлуки за развој на општеството, а ќе добијат поддршка и од домашните институции за да почнат свои бизниси овде. Идејата е во оваа платформа да се вклучат успешни бизнисмени, научници, лекари, информатичари, спортисти…
Проектот денеска го презентираше шефот на дипломатијата, Бујар Османи, кој рече дека целта е да се спречи одливот на мозоци.

„Нашата цел е да создадеме платформа, мрежа на наши видни и успешни личности во дијаспората со што ќе придонесеме одливот на мозоци да се претвори во циркулација на мозоци односно да ги вклучиме во нашите општествени текови“,
изјави Османи.
Тој вели дека преку проектот „МКарта“ тие ќе добијат влезен билет со кој ќе се интегрираат во македонското општество и ќе се искористи нивниот потенцијал.
„Овој влезен билет, ’МКарта‘, ќе им овозможи полесно основање бизниси, поддршка од страна на институциите, финансиска помош за нивни инвестиции овде. Бидејќи планираме да ги вклучиме сите генерации од дијаспората има и такви кои немаат наше државјанство, па на нив ќе им се олесни нивниот престој и основањето бизниси овде, но ќе имаат и одредени лични привилегии. На пример, Министерството за култура ни овозможи да имаат бесплатен пристап до музеите и одредени културни институции, МОН овозможи да имаат ист и привилегиран третман за користење на образовните институции. Исто така, ќе имаат приоритет и во комуникацијата во однос на проектите што ги дава МНР за помагање на дијаспората“,
рече Османи.
Проектот стартува од утре од кога Дипломатско-конзуларните претставништва (ДКП) ќе треба да ги идентификуваат успешните иселеници, а потоа комисија во МНР ќе направи проценка на кои од овие луѓе ќе им се додели ваков влезен билет или, како што уште го нарекува Османи, „специјална лична карта“.
Покрај предлозите од ДКП-та, министерот ги повика и иселениците само да се јават по електронски пат.
Како што рече Османи, ќе има прецизни критериуми, но сепак оставаат на ДКП-та да проценат за улогата на секој од иселениците во општествата каде тие делуваат.
„Очекувам тие не само да бидат индивидуално вклучени туку преку оваа мрежа планираме годишни конференции за да се создаде една синергија од нивната координација и активност во земјата. Дел од нив и така придонесуваат индивидуално, тоа се, на пример, лекари кои работат во реномирани болници, а соработуваат тука со нашите лекари, други во областа на културата … Затоа ние сакаме ова да го претвориме во платформа, во систем“,
изјави шефот на дипломатијата.