Од ФФМ испратиле барање до УЕФА македонските фудбалери да играат со досегашните дресови и сега се надеваат дека европската куќа на фудбалот ќе им излезе во пресрет
Како претседател на федерацијата ја преземам мојата одговорност за евентуални последици и најавувам дека на Европското првенство ќе играме со досегашните дресови, се огласи претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини, по два дена откако беа промовирани репрезентативните дресови за настап на ЕУРО 2020 кои предизвикаа бура негативни реакции во јавноста.

Јавноста негодуваше поради бојата на дресовите кои ФФМ првично ги претстави, а за кои денеска, иако официјално ги промовираше, вели дека не биле во согласност со тоа што го барале.
Како што велат од Федерацијата, тие само сакале да го исполнат барањето на фудбалерите да има нови дресови, но за жал бојата не била како што ја побарале од техничкиот партнер, па затоа ќе бараат одговорност и од него.
Од ФФМ испратиле барање до УЕФА македонските фудбалери да играат со досегашните дресови и сега се надеваат дека европската куќа на фудбалот ќе им излезе во пресрет.
„Федерацијата и службите во ФФМ целосно ја преземаат одговорноста за овој избор, но исто така ќе побараат одговорност и од техничкиот партнер. Како претседател на федерацијата ја преземам мојата одговорност за евентуални последици и најавувам дека на Европското првенство ќе играме со досегашните дресови. Тоа што не влијаев и имав доверба во работата на службите во ФФМ во креирањето на новиот дрес, не значи дека треба да молчиме кога пошироката јавност го искажува своето мислење. Инсистирам настапот на Европското првенство да биде запаметен по прекрасниот успех што го направивме и да не биде засенет со работи кои се полесни за решавање. Поради реакциите од бојата на дресот, ние како Фудбалска федерација на Македонија пративме допис до УЕФА со кој бараме натпреварите од Европското првенство да ги одиграме со актуелните дресови. Се надевам дека УЕФА ќе има разбирање за нашето барање и ќе излезе во пресрет на истото“,
пишува во соопштението кое утрово го објавија од ФФМ.
Ваквиот потег на ФФМ вчера го најави Сејдини со објава на фотографија на социјалните мрежи од стариот дрес под која напиша: „ОДИМЕ НА ЕВРОПСКО! НАПРЕД МАКЕДОНИЈА!“.
Дресовите беа промовирани на 28 мај. Едната варијанта беше во бордо боја, втората во бела со жолти детали, а третата црна со портокалови детали.

Покрај бурните реакции од фановите, почна да се собира и онлајн петиција. Од фудбалерите реагираше и капитенот Горан Пандев кој по промоцијата, на социјалните мрежи објави фотографии од старите дресови индиректно кажувајќи го мислењето за новите дресови.

