Првите луѓе на двете агенции потенцираа дека со овој договор се обврзале да се борат против лажните вести и манипулациите и да ја зајакнат соработката за граѓаните на двете држави да дознаат што навистина се случува. Договорот предвидува и посети на новинари од двете агенции, радио и телевизиски презентери од двете страни и истите ќе почнат да се реализираат од оваа есен
Договор за размена на информации и професионална соработка, потпишаа денеска во Рим, директорите на Медиумската информативна агенција (МИА) и на Бугарската телеграфска агенција (БТА), Драган Антоновски и Кирил Волчев.
Договорот тие го потпишаа во канцеларијата на делегацијата на Европската Унија во Рим за време на заедничкото патување на претседателите на Северна Македонија и Бугарија, Стево Пендаровски и Румен Радев, кои присуствуваа на чинот на потпишување.

Како што соопштија од МИА, договорот предвидува размена на информативните сервиси меѓу двете агенции, а согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка МИА и БТА ќе преземат ефективни мерки во размената на информации за да избегнат злонамерна пропаганда и поттикнување насилство, омраза или други слични активности што би им наштетиле на односите на двете земји.
Антоновски по потпишувањето потенцира дека двете агенции со овој договор се обврзале да преземат засилени активности во борба против лажните вести и манипулации.
МИА и БТА, нагласи тој, ќе ја зајакнат соработката во насока на вистинско информирање на граѓаните, за да дознаат што навистина се случува во Северна Македонија и Бугарија.
Тој додаде дека мисијата на двете агенции ќе биде пред сè, уривањето на лагите, кои предизвикуваат штета во непречено унапредување на односите меѓу двете држави.

Директорот на БТА Волчев, изрази задоволство од потпишувањето на договорот за соработка меѓу двете агенции, напоменувајќи оти самиот чин на потпишување во рамки на одбележувањето на светите браќа Кирил и Методиј дава посебно значење во насока на промоција на писменоста од страна на медиумите.
„Ние од БТА и МИА сме должни според светските стандарди на информативните агенции да говориме на еден јазик, тоа е јазикот на фактите и вистината и да се бориме против лагата“,
истакна Волчев.
Тој додаде дека согласно договорот предвидени се и професионални посети на новинари, вклучително и од двете агенции, радио и телевизиски презентери и други лица од областа на медиумската и информативната активност, кои ќе се реализираат од оваа есен.