Хронологијата на судирот меѓу министерот и дополнителната заменик-министерка во МВР датира од изборот на техничката влада
Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денеска на прес-конференција го обвини неговиот претходник Оливер Спасовски дека минатиот месец (од 1 до 25 декември 2019) донел 1.050 решенија, а во последната седмица 1.198 решенија за распоредување на пониски работни места и за унапредување. Според Чулев, целата постапка е без да се почитува Законот за внатрешни работи и утврдениот систем за кариера.

За проверка на состојбата е формирана комисија од претставници и на Репрезентативниот и на Независниот полициски синдикат која досега прегледала 1.750 решенија, при што во повеќе од 100 предмети се забележани отстапувања од доследна примена на Законот за внатрешни работи, колективниот договор и правилникот за начинот на спроведување на селекција при распоредување, како и унапредување и начинот на остварување на системот на кариера на работниците во МВР, рече Чулев.
Било утврдено и дека постојат поголем број решенија изготвени во периодот кога работниците биле отсутни од своите работни места, биле на боледување, платено или неплатено отсуство.
Според Чулев, имало и решенија за распоредување во МВР на 130 лица од претходната УБК, кои не биле преземени од Агенцијата за национална безбедност, а примале плата на работно место во непостоечки правен субјект УБК.
Петровска: Чулев прочита партиски текст
На тврдењата на Чулев веднаш реагираше дополнителната заменик-министерка Славјанка Петровска.
„По скандалозните три телеграми, од кои последиците сè уште не се надминати во целост, Наќе Чулев излезе на прес-конференција на која наместо да се истакне како професионалец прочита партиски текст, напишан од советниците во сенка. Поистоветувањето на партиски соопштенија и настапи во министерства зборува за неможноста да се одлепите од партиски влијанија“,
рече Петровска.
Таа тврди дека сите решенија се согласно потребите на службата и новиот правилник за систематизација на работни места и се издадени во законска постапка. Таа посочи дека министерот Чулев треба да знае дека решенијата може да се изготвуваат постојано, но не смеат да бидат врачени додека работникот е оправдано отсутен, што, како што посочува, не се ни случило.

„Во извештајот на комисијата, која ја формираше самиот тој, е наведено дека организациските единици треба да се произнесат и доколку се констатира дека тие се незаконски да се постапи согласно закон. Членовите на комисијата која ја формираше тој не се сигурни дали неколкуте решенија се незаконски или не, туку за тоа вели дека се надлежни организациски единици во МВР“,
се вели во писмената реакција од Петровска.
Во однос на решенијата што се однесуваат на преземањата од новата АНБ, Петровска вели дека како резултат на процесот на селекција на кадрите во новата АНБ, околу 270 вработени не беа селектирани во новата Агенција, и согласно закон тие остануваат како вработени во Министерството за внатрешни работи.
Процесот на нивно распоредување, потенцира Петровска, бил започнат и повеќе од 50 проценти биле распоредени во соодветна законска постапка и тие вработени, вели, немаат поднесено приговори.
Хронологија на едно несогласување кое почна од првиот ден
Денеска ова е вторпат министерот и дополнителната заменик-министерка во МВР да излезат со спротивставени изјави за едно исто прашање.
Претходно денеска Чулев, одговарајќи на новинарско прашање за случајот со групата на апликацијата „Телеграм“, рече дека сè уште не им се познати двајцата администратори и двајцата модератори на „Јавна соба“.
Веднаш следуваше реакцијата на Петровска која преку социјалните мрежи соопшти дека еден администратор и еден креатор веќе биле повикани во полициска станица.
Денешните препукувања се само продолжение на она што изминатиот период од изборот на техничката влада на 3 јануари се случува во МВР.

Прво беше телеграмата на Чулев до сите раководители на организациските единици во рамките на МВР да не ги врачуваат решенијата за распределување работници што ги потпишал неговиот претходник Оливер Спасовски, за што Петровска најави дека ќе поднесе кривични пријави, по што следуваше уште една телеграма од Чулев со која побарал во МВР да се вратат 30-ина возила, меѓу кои и оние што ги користи обезбедувањето на техничкиот премиер Оливер Спасовски, едно возило кое ѝ е доделено на дополнителната заменик-министерка Славјанка Петровска, како и возила за специјални намени.
Ситуацијата тогаш кулминираше со несогласувањата околу именувањето на началникот на СВР Скопје, за што ДИК се прогласи за ненадлежна, а Чулев и Петровска недоразбирањата ги решија на заедничка средба.
Наќе Чулев на позицијата министер за внатрешни работи дојде од Агенцијата за разузнавање, чиј директор беше во периодот од 2013 до 2017 година, а Славјанка Петровска пред да биде избрана за дополнителен заменик-министер беше шефица на кабинетот на претходниот министер Оливер Спасовски.