Честитка упати и претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој посака ликот и делото на св. Кирил и Методиј да го празнуваме мудро и со почит
Ние сме особено горди што токму оваа искра на прво словенско писмо и просветителство почнува тука од Македонија, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ
Наша должност кон претходните и идните генерации е да вложуваме во македонскиот јазик кој, како и секој друг словенски јазик, е гранка од стеблото на св. Кирил и Методиј, порачува претседателот Стево Пендаровски во неговата честитка по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители.
„Св. Кирил вели дека „без книга сите народи се голи“ и подложни на асимилација и исчезнување. Создавајќи ја првата пишана словенска азбука – глаголицата и преведувајќи го Светото писмо и другите црковни и световни текстови на старословенски јазик, светите браќа отворија нови просветни, духовни и културни видици за словенските народи во Европа. Со тоа св. Кирил и Методиј на словенските народи им го дадоа клучот за самоидентификација и самоопределување низ вековите. Бранејќи го фундаменталното право на словенските народи на свој јазик и писменост, св. Кирил и Методиј се изборија и за достоинството на различноста како суштинска европска вредност. Македонскиот јазик, како и секој друг словенски јазик, е гранка од стеблото засадено од св. Кирил и Методиј и нивните ученици, меѓу кои и св. Климент и св. Наум Охридски. Какви плодови ќе береме зависи од тоа колку ќе вложуваме во нашата македонска гранка од словенското јазично стебло. Тоа е наша должност кон претходните и идните генерации но и наш придонес кон европскиот културен, образовен и цивилизациски простор“,
вели претседателот во честитката.
По повод 24 Мај, тој на 26 и 27 месецов заедно со неговиот бугарски колега Румен Радев заеднички ќе им оддадат почит на сесловенските просветители и во Рим.
Честитка упати и претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој посака ликот и делото на св. Кирил и Методиј да го празнуваме мудро и со почит.
„Работата и делата на светите браќа Кирил и Методиј се сметаат за придонес од огромно значење за светската наука и култура. Нивните дела во кои е вложен многу труд, љубов и посветеност ја надминуваат рамката на време и простор и имаат вековна значајност. Писменоста, јазикот, знаењето, науката и вредноста на зборот се работи кои се од непроценлива вредност, како за еден народ така и за секоја индивидуа. Нивното наследство не се само нивните дела и работа туку и воспоставените вредностите според кои живееле и кои ги оставиле. Ви посакувам мудро и со почит кон нивниот лик и дело да го негувате тоа наследство“,
вели Џафери.
Премиерот Зоран Заев рече дека токму во достапноста на писмото го гледаме описменувањето. Писмото и описменувањето е светлина на секој човек и никој не смее да биде исклучен од ова основно човеково право, кое секоја напредна заедница мора да им го обезбеди на сите свои сограѓани без исклучок, порача Заев на промоција на инклузивна сликовница „Буква по буква – азбука“ на поетесата за деца и млади, хуманист и активист Гордана Симоновска-Момироска.
Toj нагласи дека посебна симболика претставува што промоцијата на оваа сликовница се одржува токму на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј.
„Тие пред нешто повеќе од 12 века спроведоа неколку мисии во Мала Азија и Европа, откако претходно ја создадоа глаголицата на која ја преведоа Библијата за да го шири словото Христово на јазик близок на словенските народи. Нивната мисија на обединување на словенските со другите народи на Европа пред нешто повеќе од 1150 години, покрај христијанизација на словенските народи имала извонредно и единствено историско културолошко и епохално просветителско значење“,
потенцира Заев.

Ликот и делото на светите браќа Кирил и Методиј е рамно на апостолско и затоа се прогласени за заштитници на Европа, бидејќи со својата просветителска дејност и создавањето на глаголицата поттикнаа епохален цивилизациски процес, нагласи во честитката лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Ширењето на словенската писменост и заштитата на словенската култура е придонес кој сите словенски народи го почитуваат и пред што се поклонуваат. Ние сме особено горди што токму оваа искра на прво словенско писмо и просветителство почнува тука од Македонија. Нивната мисија по текот на Брегалница беше основата на која се градеше нивната дејност. Говорот на Словените од Македонија беше темелот на кој се градеше целата словенска писменост која потоа, преку Моравската мисија, ја раширија ширум Словените во Европа. Затоа не е нескромно да се каже дека таа искра од Македонија го запали просветителскиот факел кој се прошири низ Европа, факел кој ден денес осветлува половина континент и стотици милиони луѓе“,
истакнува Мицкоски.