Со исклучок на пациентите од Скопје, сите останати веќе трет месец се без терапијата ‘виктоза’, бидејќи некои од инсулините во системот „Мој Термин“ се внесени со двојни шифри, поради што инсулинот го има во аптеките
Во сите инсулински аптеки во државата има инсулин, а од вторник нема да има пречка тој да се издава, велат од МЗ
Веќе трет месец пациенти- дијабетичри надвор од Скопје не можат да дојдат до потребната терапија, посочуваат од Сојузот на здруженијата на дијабетичари.
Според нив, некои од инсулините во системот „Мој Термин“ се внесени со двојни шифри, поради што инсулинот го има во аптеките, но не може да се купи оти шифрите не се достапни во системот.
„Со исклучок на пациентите од Скопје, сите останати веќе трет месец се без терапијата ‘виктоза’. Тоа значи дека на овие пациенти здравствената состојба им се влошува или се принудени да го набавуваат лекот како знаат и умеат“,
вели претседателот на Сојузот на дијабетичари Димче Велев.
Од Министерството за здравство потврдуваат дека извесен период инсулин не се издава и дека тоа е поради промена во софтверот за нов вид на инсулински продукти – игли Тип1 и Тип2, како и апаратчињата за мерење гликемија кои не ги препишува лекар, туку системот сам ги генерира.
Но, демантираат дека пациентите не се оставени без инсулин, во сите инсулински аптеки во државата има инсулин, а од вторник нема да има пречка тој да се издава.
„Напоменуваме дека нема никаков проблем во количините на иглите, лентите и апаратите за мерење инсулин, туку во делот на евидентирањето, проблем што веќе се надминува и од вторник, кога ќе бидат отворени инсулинските аптеки, истите инсулински продукти ќе им бидат достапни на пациентите“,
велат од МЗ.