Посебен тим на Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта работи на оспособување на трасата на автопатот Кичево-Охрид, рече министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Според него, изградбата на автопатот Кичево-Охрид е меѓу приоритетите на Владата и денеска заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми извршија надзор на овој автопат.
Во однос на шпекулациите дека автопатот поскапел, дека се потребни дополнителни средства, Бочварски истакна дека таквите информации не се точни. Цената, како што рече, е утврдена во 2018 година на 598 000 000 евра и не станува збор за дополнително поскапување.
„Од новиот автопат досега се асфалтирани 31 процент од првиот слој на асфалтот, изградени се над 3 500 метри потпорни ѕидови, а ископот е завршен со 53 проценти. Завршени се дополнителни проекти за деветте клучки. Во тек е експропријацијата на земјиштето за косините, конструкцијата на тунелот е завршена, останува да се заврши електричната и инсталациска мрежа“,
изјави министерот Бочварски.
Одговарајќи на новинарско прашање, министерот Бочварски рече дека според зацртаната динамика и интензитет на градба се очекува овој автопат да биде завршен кон крајот на 2023 или почетокот на 2024 година.
