Министерот за здравство Венко Филипче денеска информираше дека од јуни сите приватни специјализанти ќе добијат целосно здравствено осигурување, со што ќе се реши досегашниот проблем на оваа категорија млади лекари.
„Сите приватни специјализанти кои досега нема здравствено осигурување, односно не биле пријавени во друга приватна здравствена установа, а добиваат надоместок за работа како приватни специјализанти, од јуни ќе добиваат дополнителни средства, со што ќе биде покриен трошокот за здравствено осигурување. Тоа значи дека го добиваат навистина тоа што треба да го добијат, а тоа е целосно здравствено осигурување“,
изјави Филипче.
Уште едно барање што се исполнува, вели министерот, е да им бидат платени сите дежурства што ги прават како специјализанти во институциите каде што специјализираат во рамки на нивната едукација.
„Сумата за дежурства од 1 800 до 3 600 денари, во зависност од тоа дали се дежура во нормален работен ден или за време на викенд или за празник, со што вкупната дополнителна сума која ја добиваат на веќе постоечките 30 000 бруто во одреден момент може да достигне и до 50 проценти повеќе од тоа што сега го добиваат“,
изјави министерот.
Филипче најави дека во следниот период ќе се финализира и планот околу вработувањето на приватни специјализанти, прашање кое, како што рече, заслужува уште малку анализа.