Не може да се очекува промена на националната позиција на Бугарија во однос на Република Северна Македонија. За нас останува клучно да се одржат добрососедските односи и да се добијат потребните гаранции за спроведување на Договорот за добрососедство.
Ова го истакнал шефот на дипломатијата во привремената техничка влада на Бугарија, Светлан Стоев, во изјава по средбата со министерот за надворешни работи на Португалија, Аугусто Сантош Силва, и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, кои утрово пристигнаа во Софија.
Стоев, како што пренесуваат бугарските медиуми, рекол дека тие остануваат со силна поддршка за европската интеграција на земјите од Западен Балкан со следење на индивидуалните достигнувања на секоја земја кандидат и со почитување на основните вредности на ЕУ, вклучително и принципот за добрососедство.
„Отворени сме за активен и отворен дијалог со Република Северна Македонија и очекуваме нашите соседи да работат во духот на искреноста и конструктивноста“,
изјавил Стоев посочувајќи дека ќе вложуваат напори за да се врати позитивната атмосфера и довербата во односните со Северна Македонија.
Неговата претходничка на чело на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева, пак, синоќа во коментар рече дека тоа што го носат Силва и Вархеји во Софија како предлог за одблокирање на пристапниот процес за Северна Македонија нема никакви гаранции за позициите на Бугарија.
Силва и Вархеји од Софија ќе допатуваат во Скопје, каде што исто така ќе имаат средби со политичкиот врв.
Со Вархеји во Софија се сретнал и поранешниот премиер и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов. На средбата Борисов порачал дека Европа мора да продолжи да работи активно на темата европска интеграција на Република Северна Македонија и Албанија, имајќи ги предвид позициите на секоја земја.
Поранешниот бугарски премиер посочил дека Бугарија имала клучна улога во враќањето на европската интеграција на Западен Балкан во агендата на Унијата, нагласувајќи дека тоа е гаранција за мир и просперитет на регионот.
Исто така, тие зборувале и за транспортната и дигитална инфраструктура на земјите во регионот на Западен Балкан.
„Убеден сум дека оваа инфраструктура е еден од факторите за одржлив развој на сите земји. Затоа, за време на бугарското претседателство со ЕУ, како и во рамките на Берлинскиот процес, ние се фокусиравме на поврзаноста. Создавањето услови за економски просперитет придонесува и за развој и добрососедски односи“,
рекол Борисов потенцирајќи и дека Коридорот 8 е од интерес за целиот регион бидејќи ќе овозможи поврзување на Црното Море со Јадранското Море.