Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица што изразиле желба за вакцинација преку веб-платформата vakcinacija.mk е 390 330 граѓани, соопшти Министерството за здравство.
На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се 206 013 граѓани, а вкупниот број на аплицирани вакцини изнесува 244 518. Ревакцинирани се 38 505 граѓани. Во текот на вчерашниот ден 9 561 граѓани примиле прва доза, а вкупно се вакцинирале 11 646 граѓани.
Со последните бројки 44,7% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 37% од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина. Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација.
Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во „А1 арената“ во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица и Охрид.