Конгрес на голема партија вообичаено е настан од голем размер. Такви низ годините беа и на владејачкиот СДСМ, но не и вчерашниот. 26-иот Конгрес на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, поради ковид-19, се одржа во сосема друга атмосфера.
Во седиштето се собра само врвот на партијата, а делегатите работеа „онлајн“. И без гужва, имаше тензија, бидејќи само Зоран Заев влезе на Конгресот со цементирана позиција. До последен момент не се знаеше кој ќе биде нов заменик-претседател на СДСМ, функција што партијата ја воведе во 2013 и која оттогаш ја извршуваше Радмила Шеќеринска.

Кандидатката која на крај и беше избрана, директорката на УЈП Сања Лукаревска, пред почетокот на Конгресот не сакаше да зборува за амбициите.
-Имате ли амбиции за заменик-претседателското место?
Лукаревска: Не, не не, очекуваме да помине во најдобар ред. Па после изјави,
Резервирани беа и другите потенцијални кандидати за втор човек на СДСМ.

-Што очекувате за вашата позиција во партијата, имате ли можеби поголеми амбици?
-Оливер Спасовски: Очекувам одлично расположение, добри и мудри одлуки и добро раководство кое ќе носи победи во иднина.

– Мила Царовска: Денеска зборуваме за избор на ЦО и ИО. Останува да дискутираме.
-Се гледате ли можеби како заменичка на Заев?
Мила Царовска: Сметам дека тие процеси не се дискутираат преку медиуми, туку внатре во партијата.
Во најавниот говор, за последен пат како владејачки тандем еден до друг, застанаа претседателот на партијата Зоран Заев и Радмила Шекеринска. Лидерот, прво, даде отчет за работата во претходните четири години и најави нова политика со „свежи“ кадри. Посебен дел посвети на Шеќеринска со која заедно дојдоа на чело на СДСМ, по повлекувањето на Бранко Црвенковски во 2013 година.

„Благодарност до мојата другарка Радмила што беше моја заменичка во најтешките години кога земјата ја извадовме на прав пат. Продолжуваме заедно пред нас се нови успеси, успеавме досега, а сега имаме нова обврска – повторно да успееме за граѓаните, за државата, за иднината“,
порача Заев.
Додека делегатите гласаа за новиот Централен одбор на партијата, стигна официјална потврда дека Лукаревска е наследничка на Шекеринска. За неа гласале 682 делегати и само двајца „против“.
Нејзината претходничка, Радмила Шеќеринска, пред камерите кажа дека е задоволна од Конгресот.

„Одлично поминавме денеска, испративме сите истата порака дека очекуваме и посакуваме се најдобро“,
рече Шеќеринска.
Упати и честитки за Лукаревска, но не сакаше детално да каже зошто се повлече од раководното место во партијата.
Шеќеринска: Го кажав моето, и на прес-конференцијата мислам и од кај вас беа присутни и мислам дека нема потреба дополнително. На делегатите точно им објаснив.
–Дали можеби ќе се повлечете од министерката функција?
Шеќеринска: Сите изјави што ги имав ги кажав.“
Но, набрзо по Конгресот, на „Фејсбук“ се појави аудиоснимка од дел од говорот на Шеќеринска пред делегатите во која се слуша како таа упатува критики и изразува загриженост за правецот во кој оди партијата.
„Загрижена сум дека за одредени прашања влегуваме во старата замка или старата опасност, а тоа е да ги затвораме очите од некои проблеми кои само ние можеме да ги решаваме, никој друг. Загрижена сум за тоа чувство дека ако си го одмолчиш своето, нема да има никакви проблеми, а тие проблеми само се зголемуваат“,
вели Шеќеринска во аудиоснимката од затворениот дел од Конгресот.
Како што ненадејно се појави, така и ненадејно ја снема „Фејсбук“ страницата со критиките на Шеќеринска од Конгресот.
Според политичкиот аналитичар Петар Арсовски, различните ставови треба да се пракса, а не проблем.

„Повеќе би бил загрижен кога единствените снимки или информации би биле афирмативни. Напротив, тоа го сметам за нормален дијалог, политичка дебата внатре во партијата. Можеби и тоа се причините поради кои Шеќеринска се повлекла, не знаеме во моментот, за тоа зошто се повлекла и дали ќе задржи функција некаква или ќе продолжи да работи со СДСМ, тоа ќе треба да го видиме, засега изгледа дека има забелешки на сегашното раководство, да“,
вели Арсовски.
Арсовски посочува и дека допрва ќе треба да се види политичкиот профил на наследничката на Шекеринска, Сања Лукаревска.
Аналитичарот Алберт Муслиу, пак, не очекува некои изненадувања.

„Колку што знам јас, сепак, е таа дете на СДСМ и има историја во СДСМ и во тие структури. Знам дека била вклучена од порано, така што за идеолошката матрица не верувам дека има некоја голема дијаметрална разлика, од друга страна не верувам дека Шеќеринска ќе се повлече од соработката со СДСМ. Сепак, таа е министер за одбрана и верувам дека сето искуство, контакти и ориентација ќе бидат на располагање не само на Владата туку и од партијата од која она произлегла“,
вели Муслиу.
Освен нов заменик-претседател, СДСМ избра и двајца нови потпретседатели. Министерот за здравство, Венко Филипче, и вицепремиерот Фатмир Битиќи, доаѓаат на местата на Мухамед Зеќири и на Коста Петров. Останатите двајца потпретседатели ги задржаа позициите – министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и министерката за образование, Мила Царовска.
– Зошто Лукаревска, а не Мила Царовска?
– Царовска: Благодарам мислам ќе има официјална изјава од партијата.

„Не влегов во партијата за функција тука сум да помогнам максимум што можам со моето знаење, така што тоа е тоа“,
вели Петров.
Нема промени на позицијата генерален секретар на СДСМ, за која беше реизбран Љупчо Николовски. Нов во раководството е Мартин Попов кој ќе биде организациски секретар на партијата, на местото на Душко Весковски. Министерот за правда Бојан Маричиќ е реизбран за секретар за меѓународна политика.
Најголеми се промените во Извршниот одбор. Од 18 члена, само 5 се од претходниот состав. Сега има еднаков број мажи и жени во ова тело – по девет, а меѓу новите членови се ракометарката Андријана Будимир, директорката на Инфективната клиника, Милена Стевановиќ, директорката на Клиниката за пластична хирургија, Софија Пејкова, како и Ана Данева Маркова, Нина Фити, Јована Тренчевска, Димитар Ковачевски.

„Нова политика значи и нови кадровски освежувања, спој помеѓу искуството и новата енергија. Тимот што победува не се менува, туку самиот го надградува и унапредува победничкиот менталитет“,
порача Заев.
Меѓу оние што веќе не се дел од партиските органи се поранешната министерка за правда, Рената Дескоска, поранешната потпретседателка на Собранието, Фросина Ременски, ексдиректорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски. Од Централниот одбор „извиси“ и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.
„Секако нашите градоначалници по функција се членови на ЦО. После тоа се јави другарот Димитриевски и се повлече од предлогот бидејќи, како што рече, бил неколку пати член на ЦО и ИО ја извршува и функцијата градоначалник на Куманово. Тоа секако во духот на убавината во различноста на мислењето на сите 809 делегати, поточно 703 кои беа денеска присутни во работата на конгресот“,
рече претседателот на СДСМ.
На што се должат промените во СДСМ и која е политичката порака? Арсовски во промените во раководството гледа и обид за да се сврти нов лист во партијата по низата контроверзии за кои се крена прашина во јавноста – како законот за легализација на дивоградби, разрешувањето на првиот пазарен инспектор Стојко Пауновски, истрагата за тендерите на екс-генералениот секретар на Владата, Драги Рашковски…

„Очигледно е дека пораката на конгресот на СДСМ е некакво мини ребрендирање. Токму предизвиците за кои зборувате со некаква свежа крв, нова инфузија на енергија, да се надминат или да се сврти нов лист. Тоа е една од пораките кои ги читам од конгресот. Дали во тоа ќе успеат или не и каква ќе им биде иднината зависи од тоа колку ќе работат новите избрани функционери. Но, не само од нив. Македонија се соочува со опозиција која се уште ги поддржува настаните од 27 април и се додека е тоа така СДСМ има широко поле за дејствување, па и простор за грешки, така што зависи од СДСМ, но не само од СДСМ прогнозата за нивната иднина“,
вели Арсовски.
Што ќе биде главна мисија и идеал на новиот тандем Заев-Лукаревска, новата заменичка на партијата не кажа по нејзиниот официјален избор. Не се појави на официјалната прес-конференција, а на крајот ги избегна и новинарските екипи, заминувајќи од задниот излез на партиското седиште.