Министерката за правда, Рената Дескоска, во вечерашното гостовање во емисијата „Топ тема“ на Телма ТВ, рече дека главниот камен на сопнување во преговорите за законот за јавно обвинителство е членот 108.
Во ставот 3 од овој член пишува дека Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ги презема надлежностите на СЈО. Со вака општо напишаниот став 3 во членот 108 од предлог-законот, Дескоска вели дека се остава судот да решава што ќе се случи со „бомбите“ односно дали тие ќе се прифатат или не, но и што ќе се случува со истрагите отворени по истекот на 18 месеци – фамозниот датум 30 јуни 2017 г.

„Многу од експертите ни укажаа ,не преjудицирајте како судот ќе се постави. Оставете го судот да одлучи дали може да се гони, дали не може, дали може да се користат одредени докази или не може. Вие направете ја референцата’. Ние ја правиме референцата на тој закон, ги предаваме надлежностите, а потоа нека си се одлучува во судските инстанци дали нешто може да се користи како докази или не, може ли да се земат одредени надлежности, што претставува таа надлежност итн. Ако почнеме да пишуваме детално никогаш не можеме да се согласиме, а факт е дека и ова што е напишано општо во став 3 е камен на сопнување“
рече Дескоска.
Министерката вели со предлог-законот тие не сакаат да преjудицираат ништо туку топката ја префрлаат кај судот кој во ваков случај ќе треба да одлучи дали обвинителот е надлежен за некоја истрага, дали ќе прифати некој доказ итн.

„Дали била надлежност или не била надлежност да се отвораат истраги по одреден датум, сето тоа останува на судот да одлучува. Ние го правевме овој закон кој практично на судовите ќе ја префрли топката на одлучување за законитост на постапување или не, за законитост на користење докази или не“,
нагласи Дескоска.
Но, и таквата општа референца, според Дескоска, не ѝ се допаѓа на ВМРО-ДПМНЕ, која бара јасно да се напише дали одредени докази и надлежности важат или не.
Во однос на одредбата од членот 109 каде се предвидува дека ќе се распише конкурс за обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, министерката ги отфрла обвинувањата на опозицијата дека тоа би значело обвинителите од СЈО да се префрлат во ова обвинителство. На конкурсот, посочува таа, ќе можат да конкурираат сите обвинители.

„Во овој дел апсолутно се погрешни или со желба за спинување толкувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека станува збор за вдомување на кадрите од СЈО во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Тоа не е точно, предлог-законот предвидува дека ќе биде зголемен бројот на обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, ќе се распише конкурс на кој ќе може да конкурира секој кој исполнува услови. Целта и идејата е кога давате зголемени надлежности редно е да му дадете и капацитет на тоа обвинителство да си ги врши тие надлежности“,
рече Дескоска.