Обвинителот Бурим Рустеми, кој беше дел од СЈО, денеска треба да се појави во Основниот кривичен суд како сведок за случајот „Рекет“.
Рустеми е обвинителот кој ја водеше истрагата за предметот „Поштенска банка“, а којшто предмет беше споменуван во случајот кој се води против поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева, и Бојан Јовановски-Боки 13.
Тој ќе биде третиот обвинител од тимот на Јанева кој ќе биде повикан како сведок. Досега сведочеа Елизабета Јосифоска, која ѝ беше заменичка на специјалната обвинителка, и Лиле Стефанова.
Стефанова сведочеше вчера и во нејзиниот исказ ги спомена токму Рустеми и случајот „Поштенска банка“ кога зборуваше за колегиум во СЈО одржан на 16 април 2019 година.

„Јанева се обрати кон мене и рече: ’Ти, Лиле, да му го дадеш пасошот на Орце Камчев, приговори не сакам. Ќе даде гаранција од 3,5 милиони евра, без разлика дали имотот е под хипотека или не, да му дадеш позитивно мислење’. Исто ни рече ‘и ти Лиле и ти Бурим да направите извештај колку треба да се плати штета од осомничените во Империја и Поштенска банка и тука да се затвори предметот, без да се оди во затвор’“,
рече Стефанова.
Во врска со предметот „Поштенска банка“, Стефанова вчера објаснуваше и дека е отворен по исклучиво експлицитен разговор, или како што самата рече „разговор кој ако го слушнете не може да не отворите истрага“.
„Иако имаше многу напади од Томче кон Катица, најодговорно тврдам дека истрагата е отворена врз основа на експлицитен разговор. Меѓутоа, кога се дадоа предлозите за притвор и претрес, немаше никакви реакции. Кога малку подоцна дојде предлог за замрзнување на имотот, слушнав како Катица му кажува на Бурим дека има еден стан кој го купила пријателка, дека станот веќе е купен само што не е префрлен и да не го става на листата за замрзнување за да нема проблем“,
се сеќаваше Стефанова.

Освен денешното сведочење на Рустеми, во текот на процесот се очекува да сведочи и шефицата на кабинет на Јанева, но и други обвинители од СЈО бидејќи одбраната на бившата обвинителка најави дека ги предложила речиси сите обвинители од тимот да бидат повикани за сведоци.