„Ставовите на актуелна Софија се бесмислени затоа што не можете да кажете на еден народ дека до 1945 година си бил едно, а од 1945 година па до денес си нешто друго“, вели Груби
Првиот вицепремиер Артан Груби е против раздвојување на Северна Македонија и Албанија во преговорите со ЕУ и овој став, тврди тој, е конзистентен.
„Ваков ни беше ставот и минатата година, кога всушност требаше да се оддели Албанија за да не ја попречува Република Северна Македонија кон ЕУ. Ставот е конзистентен и сметаме дека треба да се отпочнат преговори час поскоро со ЕУ, со двете земји, како што беше ветено“,
рече Груби во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 ТВ.
Првиот вицепремиер зборуваше и за спорот со Бугарија и го оцени ставовите на Софија како бесмислени. Решението, според него, не треба да ги загрозува идентитетот, културата и јазикот на Македонците.
„Сметаме дека ставовите на актуелна Софија се бесмислени затоа што не можете да кажете на еден народ дека до 1945 година си бил едно, а од 1945 година па до денес си нешто друго. Не може да се наметнува спор дека Република Северна Македонија има територијални претензии кон Бугарија затоа што е апсурдно, затоа што е бесмислено, не постои такво нешто“,
изјави Груби.
Ако ЕУ стои зад својот кредибилитет, вели тој, не треба да толерира наметнување на вакви непостоечки апсурдни спорови меѓу земјите членки и земјите аспиранти.