Не можам да гарантирам кој ќе биде епилогот на тие активности и тие разговри, меѓутоа знам дека е во интерес на сите, рече денеска Османи
Министерот за надворешни работи Бујар Османи се уште верува дека постои можност да се влезе во посуштински разговори и со техничката Влада во Бугарија, имајќи предвид дека Бугарија во март минатата година даде веќе зелено светло за започнување преговори, односно кога се донесе политичката одлука.
На прес-конференцијата со унгарскиот колега Петер Сијарто, тој рече дека останува прашањето на текстот на преговарачката рамка како предуслов за одржување на првата меѓувладина конференција.

Османи најави дека идната недела очекува да има поголема дипломатска активност за евентуално, како што рече, да може да се дојде до решение кое би ни овозможило да го преминеме овој чекор за да може да се одржи првата меѓуладфина конференција во јуни.
„Не можам да гарантирам кој ќе биде епилогот на тие активности и тие разговри, меѓутоа знам дека е во интерес на сите, бидејќи овој имагинарен ѕид што се постави пред Северна Македонија стана веќе тест на кредибилитетот и тоа го знаат земјите-членки, но го знае и Бугарија и дека врз основа на тоа ќе се обидеме да најдеме начин да стигнеме до решение“,
рече Османи.
Претходно, техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија, Светлан Стоев, кој денеска ја презеде функцијата од досегашната шефица на дипломатијата Екатерина Захариева во рамки на техничката Влада на Бугарија, рече дека немаат надлежност да ја променат позицијата на Бугарија кон Северна Македонија.
Како што рече тој, тоа зависи од официјалниот кабинет на Бугарија и од министерот за надворешни работи ќе биде сторено во насока на продолжување на дијалогот.
Тој истакна дека техничката Влада на Бугарија ќе продолжи да се придржува кон досегашните позиции на Бугарија за Република Северна Македонија. Според него, не би требало да се шпекулира дека ќе има некаква промена во бугарската позиција во следните два до три месеци додека трае техничката влада.
