Дел од фудбалските клубови во Првата и Втората македонска лига го бојкотираа неодамнешниот избор за претседател на ФФМ бидејќи сметаат дека куќата на фудбалот треба да го усогласи својот Статут со Законот за спорт, според кој клубовите треба директно да делегираат делегати на Собранието кое, пак, го избира раководството. ФФМ, засега неофицијално, не гледа причина да го менува својот Статут бидејќи смета дека не е во судир со Законот за спорт
Од клубот на Горан Пандев, Академија Пандев, велат дека македонскиот интернационалец размислува да се повлече од Првата македонска лига. Контра ставот на ФФМ е и шампионот Шкендија од Тетово
Агенцијата за млади и спорт е на страната на клубовите, но засега не успева да го убеди ФФМ да го смени Статутот. Директорот, Наумче Мојсовски, вели дека веќе имаат сознанија за нерегуларности и во сегашниот систем на избори во ФФМ
Актуелната сезона во Првата македонска фудбалска лига е при крај. Но, надвор од терените се разгорува друг „дуел“. Голем дел од клубовите бараат тие да го имаат главниот збор во Фудбалската федерација на Македонија, како што велат дека предвидува Законот за спорт.
„Значи, мојот газда, Горан, нашиот идол да кажам, нашиот сопственик, сме на размислување да се повлечеме од активното играње во нашата Прва фудбалска лига сѐ додека не се усогласи Статутот со Законот за спорт“,
вели Југослав Тренчовски, спортски директор на ФК „Академија Пандев“.
Бизнисменот Кочо Анѓушев веќе го напушти прволигашот Борец од истите причини, а последниот избор на претседател на ФФМ го бојкотираа повеќе клубови од Првата и Втората лига. Меѓу нив е и најдобриот клуб изминативе години и актуелен шампион, Шкендија.
Надлежната Агенција за млади и спорт е на страна на клубовите.
„Треба да се главни носители, чинители, главните – ајде да кажам, фаци во фудбалот, тоа се Вардар, Шкендија… Клубовите кои имаат тежина. Сега, Шкендија има 3 милиони евра буџет. Не може Шкендија да нема човек во ФФМ или во општинската во Тетово, нема човек, а решава некојси што врска нема со фудбалот“,
изјави за „360 степени“ Наумче Мојсовски, директор на Агенцијата за млади и спорт.
Фудбалската „влада“ засега одбива да го смени Статутот со кој е избрано актуелното, а и сите претходни раководства. Сметаат дека нема потреба бидејќи не е во спротивност со Законот за спорт.
Дали притисокот на „противникот“, овој пат, ќе доведе до смена на резултатот?

Сабота. Убаво сончево попладне во Струмица. Академија Пандев ја пречекува Ренова на својот стадион.
Југослав Тренчовски е спортски директор на „Академија Пандев“. Како што кажува името, главен инвеститор и во објектот и во годишниот буџет на клубот е македонскиот фудбалски интернационалец Горан Пандев.
„Ние имаме потрошено некаде околу три милиони евра инвестиции, зборувам за овој 11-годишен циклус, не вклучувајќи го овде и самиот спортски центар“,
вели Тренчовски.
Академија Пандев, како и многу други клубови во земјава, не заработува од влезници или ТВ-права. Бизнис-моделот е развој на млади фудбалери од кои, можеби, некогаш, клубот би направил профит.
Освен од моќта на инвеститорите, клубовите зависат и од милоста на Федерацијата, чија задача е да инвестира во фудбалот. Тренчовски обвинува дека многу пари не се трошат за вистинската намена.

„Незадоволни сме од ланската сезона, од прогласувањето на ковид-пандемијата. Фудбалската федерација доби 4,3 милиони евра по повод ковид-пандемијата од УЕФА и истите тие средства требаше, според наша логика, да бидат распределени за обнова на фудбалската заедница. Фудбалската заедница ја сочинуваат фудбалските клубови, не ја сочинува Фудбалската федерација“,
изјави Југослав Тренчовски.
Додека ја бара ѕвездата што би ја оправдала целата инвестицијата, клубот веќе дава репрезентативци во сите категории. Но, можно е целата приказна тука да заврши и Горан Пандев да се повлече.
Клубот смета дека во моментов раководството на ФФМ се избира спротивно на Законот за спорт и ги става клубовите во подредена позиција.

Според Статутот на ФФМ, Собранието е највисок орган на организацијата. Го сочинуваат делегати, кои потоа го избираат раководството на федерацијата. Според член 14-а од Законот за спорт, кој стапи во сила во 2012 година:
„Собранието на националните спортски федерации во екипните спортови го сочинуваат претставниците од клубовите од прва и втора лига и останатите клубови здружени во федерациите, како и претставници на спортските тренери, ветерани, судии и спортисти од соодветниот спорт предложени од нивните организациони облици“
пропишува член 14-а од Законот за спортот.
Според актуелниот Статут на ФФМ, прволигашите и второлигашите немаат гарантирани столчиња во Собранието, туку системот на избор е следен:

По двајца делегати даваат здруженијата на прволигаши и на второлигаши, а по еден делегат доаѓа од здруженијата на фудбалери, на тренери, на судии, за женски фудбал, за футсал и за фудбал на плажа. Сепак, најголем дел од делегатите доаѓаат од т.н. Општински фудбалски сојузи или скратено ОФС. На последното Собрание, кога Муамед Сејдини беше реизбран, 26-те ОФС-а во земјата требаше да дадат 67 делегати. Со други зборови, главниот збор во ФФМ го имаат Општинските сојузи.
Како се избираат раководството на општинските фудбалски сојузи и делегатите што ги испраќаат на Собранието на ФФМ? Според Статутот на Федерацијата, нив ги избираат клубовите регистрирани во таа општина, но и разните здруженија на судии, тренери, медицински лица. Сите имаат еднакво право на глас, па еднакво „тежи“ мислењето и на прволигаш и на клуб од „селска“ лига и на некое здружение на спортски работници.
За тоа како изгледа работата на ОФС во пракса, добра илустрација е седницата на Собранието на Општинскиот фудбалски сојуз од Велес, која се одржа во присуство на претседателот на ФФМ, Муарем Сејдини, пред неговиот реизбор. Велес има еден прволигаш, Борец, кој стигна дотаму поради неколкугодишните инвестиции на бизнисменот Кочо Анѓушев. За да покаже дека сѐ е однапред договорено, Анѓушев неочекувано се пријави да биде записничар на седницата. Не доби поддршка ниту за таа безначајна улога.

„Јас преку ова гласање не сакав јас да бидам член и записничар на верификациона комисија. Сакав само да направам една показна вежба, да видите кој е респектот кон тие што го носат фудбалот во градов. Од оваа сала јас имам респект кон сите, но само јас со моите компании потрошив милион евра за Борец да биде таму каде што е денеска. И вие респектот го покажавте… Јасно едно ќе ви кажам, во такво сценарио нема да учествувам. Значи, јас да учествувам во избор на делегати овде, кои ќе поддржуваат Фудбалска федерација што ќе работи против Борец, тоа е исто како да си пукам во нога“,
изјави бизнисменот Кочо Анѓушев на изборното собрание на Општинскиот фудбалски сојуз – Велес.
Анѓушев го напушти Собранието веднаш по обраќањето, а набрзо потоа ја прекина и финансиската поддршка за ФК Борец.
Бојкот на ФФМ, пред последното изборно Собрание, објавија и најголем дел од второлигашите, дел од екипите од Првата лига и некои општински фудбалски сојузи.
Барањето на оваа група е едноставно. Повикувајќи се на Законот за спорт, бараат да имаат свои делегати во Собранието на ФФМ.
„Значи, претходното Собрание е нелегитимно закажано и нелегитимно одржано без делегати-претставници од клубовите од прва и втора лига… Ние апелиравме неколку пати и до самата надлежна институција која треба да го мониторира тој процес – Агенцијата за млади и спорт, поднесовме неколку претставки во кои сакаме да се почитува нашиот глас, нашето право. Ако ние како клуб се обврзуваме да ги почитуваме законите на државата, исто така сакаме и Федерацијата да го почитува законот кој налага дека самите ние мораме да имаме свои претставници во работата на Собранието на ФФМ… Ако погледнеме сега во актуелното раководство на Фудбалската федерација, од 15 члена во Управниот одбор, можеме да видиме само еден член на Управен одбор што има некаква релација со фудбалски клуб од прва и втора лига, тоа е господинот Добри Иванов од Кратово,“
вели Југослав Тренчевски од Академија Пандев.
Седум места погоре на прволигашката табела од Академија Пандев е Шкендија.

На градскиот стадион во Тетово, сезонава, тие имаат уште еден натпревар. Се подготвува теренот за дуелот со Шкупи од скопски Чаир, кој нема резултатско туку симболично значење – Шкендија ќе ја прослави веќе освоената нова титула против најсериозниот ривал за тронот годинава.
Клупските канцеларии на Шкендија се во центарот на Тетово. А во нив се и витрините со четири шампионски и две куп титули. Тие се резултат на макотрпна работа, но и десетици милиони евра инвестиции од компанијата „Еколог“.

Сепак, кога е во прашање Статутот на ФФМ, и најдобриот клуб во земјава го дели мислењето на мнозинството прволигаши и второлигаши. Официјално, го искажаа уште на средината на февруари.
„Овој Статут и изборен процес овозможуваат и штитат застарен систем од ОФС до ФФМ, каде што правото да се застапува со апсолутно мнозинство во коалиции и донесување одлуки на повисоки нивоа на фудбалска организација во ФФМ им се дава на физички и на други субјекти измислени од минатото“,
рекоа од клубот.
Од Шкендија велат дека тоа што го бараат во Македонија веќе го има во регионот.
На пример, во Хрватска, во работата на Собранието на тамошната фудбалската федерација директно учествуваат 59 делегати. Општинските сојузи и таму имаат значајно влијание, но мнозинството го делегираат клубовите:
21 делегат од општинските фудбалски сојузи;
20 делегати од клубовите од прва лига
2 делегати од втората лига, кои ги избираат клубовите
3 делегати од третите лиги, кои ги избираат клубовите
10 делегати од клубовите под трета лига, со почитување на регионалната застапеност.
3 делегати вкупно, или по еден од женскиот фудбал, здружение на фудбалери од првата лига и на тренерите од првата лига)
Соседна Албанија, велат од Шкендија, речиси и да расчистила со влијанието на општинските сојузи.
Тамошното Собрание на Фудбалскиот сојуз брои 60 делегати, од кои дури 49 се директни претставници на клубовите, од различен ранг на натпреварување. Само 11 места имаат регионалните фудбалски сојузи и останатите здруженија.
Затоа, Шкендија, која е важен играч во првата лига, но и во развојот на фудбалот и македонските фудбалски репрезентации, бара нејзиниот глас да значи нешто во ФФМ.

„Правото на главните клубови и инвеститори во фудбалот да бидат со вистинската пропорција застапени во организацијата на фудбалот, како кодекс на работа, е овозможено и постојано ажурирано во последните години во другите земји во регионот, а да не ги спомнуваме и земјите од Западна Европа каде што се утврдени вистинските пропорции подолго време од овој аспект, што им овозможува на клубовите право на глас и донесување одлуки според нивната тежина во фудбалот“,
соопштија на 16 февруари 2021 година од ФК Шкендија.
Овие ставови добро и се познати на институцијата која треба да го спроведе Законот за спорт – Агенцијата за млади и спорт.
Во 2019 година тие добија и правосилно решение од второстепената владина комисија со која и се наложува на ФФМ да го смени Статутот. Таа обврска, патем, ја имаа сите спортски федерации уште од 2012 година.

„Од 64 федерации кои постојат во Северна Македонија, 63 се усогласени со Законот, само една федерација не е усогласена со законот за спорт, а тоа е ФФМ, Фудбалската федерација на Македонија. Самиот сегашен претседател, мислам дека на почетокот на неговата функција во 2018 година, самиот тој има изјава дека да, после наредното Собрание, откога судот им налага, на наредното Собрание ние тоа ќе го усогласиме. Поминуваат мислам уште три Собранија од тогаш, еве ден-денес, тоа не е усогласено“,
вели директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски.
На барање на клубовите, а во очи на последниот избор за претседател на ФФМ, директорот Наумче Мојсовски испратил дописи и до ФИФА и до УЕФА.
Добил одговор од третиот човек на УЕФА, Зоран Лаковиќ, дека интерно ќе го споделат и анализираат дописот и дека ќе одговорат, доколку е неопходно. Истиот тој Лаковиќ, неколку недели подоцна, се појави како гостин од УЕФА на изборот на Сејдини, со што требаше да го легитимира изборното Собрание организирано со несменет Статут.
Собранието помина, ситуацијата повторно е статус кво, а Агенцијата сега го менува фокусот – ќе докажува дека ФФМ работи незаконски и според актуелниот Статут.
„ОФС, во закон стои дека мора да има шест тимови кои се натпреваруваат во некоја регионална лига, која нели ги поддржува општините и затоа се играат општински лиги. Знаеме и имаме многу наоди дека во самите тие лиги, многу клубови веќе не постојат. Дека се фиктивни, дека прават фиктивни првенства, дека прават фиктивни натпревари кои чекаме да се докажат за да можеме да постапиме“,
тврди Мојсовски.
„360 степени“ побара став и од Фудбалската федерација уште во средината на минатата недела.

Добивме брифинг на кој раководството на куќата на фудбалот аргументираше дека нивниот Статут не е во судир со Законот за спорт. Сите дејствија во контекст на Статутот, тврдат дека имаат „друга“ заднина.
Сепак, до крајниот рок, кој вклучуваше пет календарски, а три работни дена, од ФФМ не добивме официјален одговор.