Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје обвинува дека градоначалникот Шилегов делел субвенции за инвертер-клими по партиски клуч. Од партијата велат дека вакви субвенции им биле доделени на граѓани што не ги исполнуваат условите.
„Од увидот што го направи советничката група во документацијата на делени субвенции, но и од дојави од граѓани видовме дека им се делени субвенции на жители во строгиот центар на градот на улица Македонија, Народен фронт, Никола Кљусев и околните улици, иако тоа се улици и региони каде жителите користат парно греење, а не греење на дрва, а запоставени се жители од Ѓорче Петров, Драчево, Лисиче и други делови на Скопје, каде што жителите користат греење на дрва“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата обвинуваат и дека целата постапка се води нетранспарентно и непрофесионално, а од институциите бараат да реагираат по нивните наводи.
„Го прашуваме Шилегов зошто на одредени граѓани им се барани потврди од БЕГ, а на други изјави на нотар дека не се приклучени на мрежата на БЕГ? Кој се дрзнал да го заобиколува законот? Имаме сомнение дека не е постапено и согласно Законот за заштита на лични податоци и зошто досега на ниту еден апликант не му е побарано да даде изјава за согласност за обработка на лични податоци?“,
се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
