Независната угостителска комора утринава до Владата доставила барање за измена на јавниот повик за финансиска поддршка на угостителските објекти. Со пакетот економски мерки предвидени за овој сектор, како што велат од НУК, не се опфатени сите угостители.
„На Владата сакаме да ѝ укажеме дека финансиска помош мора да има за сите угостители на кои им беше забрането да работат со одлуката на Влада од 5 април 2021 година, Владата не смее да дозволи поради техничка грешка едни угостители да добијат финансиска поддршка, а други не, само затоа што немаат соодветна приоритетна шифра на дејност“,
се наведува во соопштението од НУК.
Барањето, како што информираат, е доставено до претседателот на Владата, Генералниот секретаријат на Владата и до Министерствата за економија и за финансии. Од НУК додаваат дека сите што претрпеле штета од одлуката со која беа затворени имаат еднакво право на оваа мерка со која, според угостителите, мора да има реална рамноправна и неселективна неповратна финансиска помош на сите угостители и затекнати угостителски работници.
„Владата не смее со една одлука да ги затвори сите угостителски објекти, а со друга одлука да им овозможи неповратна финансиска поддршка само на дел од нив, само затоа што законската регулатива нѐ обврзува и нѐ задолжува вршењето на угостителска дејност да биде исклучиво преку шифра на дејност 56, која се однесува за подготовка на оброци и служење храна“,
додаваат од НУК.
