На Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот, со пораки дека нашето место е во ЕУ и сега е редот на Унијата да си го одржи зборот излегоа и други владини претставници. Меѓу нив, првиот вицепремиер Артан Груби порача дека сега ја очекува храброст од европските лидери којашто тие ја бараа од нас последниве две децении – од Охридскиот договор до уставните измени. Министерот за правда, Бојан Маричиќ, пак, рече дека идејата за обединета Европа е преголема за да биде попречувана
Македонската држава е втемелена врз начелата на правдата и слободата, и е дом за сите нејзини граѓани без исклучок, обединети и единствени во изборот околу европските вредности. Оваа генерација направи непоколеблив избор со членството во НАТО и силно ја потврди определбата за напредок и благосостојба во европското семејство, во Европската Унија. Нашиот природен дом е Европската Унија меѓу просперитетните европски нации, вели премиерот Зоран Заев во неговото обраќање по повод 9 мај – Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот.
Заев порачува дека ова е датум за чествувањето на делото на прогресивните сили кои го победија фашизмот во Втората светска војна, а ние имаме причина да славиме и да бидеме дел од одбележувањето на денот затоа што бевме дел од големата антифашистичка коалиција.
„Врз пепелот и чадот од војната кој сè уште се креваше над домовите на Европејците и на македонските граѓани, на 9 мај 1950 година францускиот министер за надворешни работи, Роберт Шуман, повика да почне изградбата на нова Европа. Започна остварувањето на една визија за напредна и прогресивна Европа, за реализација на идејата за Европската Унија, во која лидерите на европските земји избраа сите разлики да ги решаваат на масата, а не на воените боишта. Денес, Република Северна Македонија е меѓународно признаена држава со сите постулати на државност, со кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет. Горди сме на нашето учество во големата светска антифашистичка коалиција и затоа имаме силни причини да славиме и да бидеме дел од одбележувањата ширум Европа“,
вели Заев.
Со пораки дека нашето место е во ЕУ, денеска излегоа и други владини претставници. Првиот вицепремиер Артан Груби, кој присуствуваше на панел-дискусија по повод 20 години од потпишувањето на Рамковниот договор, порача дека ние направивме се, а сега редот е на ЕУ.

„Нашите граѓани немаат што повеќе да направат, што повеќе да придонесат, што повеќе да жртвуваат за европскиот сон, поради тоа што ги направивме сите потребни и непотребни компромиси, вклучително и најапсурдните, за да заслужиме членство во европското семејство. Затоа сега е ред на Европската Унија, сега на тест е европската храброст, сега се загрозени европските вредности и ја очекуваме истата храброст од европските лидери којашто тие ја бараа од нас последниве две децении, од Охридскиот договор до уставните измени. Оваа одлука не е само одлука за европската иднина на Северна Македонија туку е и одлука за опстанокот на сонот и иднината на ЕУ“,
рече Груби.
Министерот за правда, Бојан Маричиќ, пак, порача дека идејата за обединета Европа е преголема за да биде попречувана.
„За време на Втората светска војна, Македонците без двоумење застанаа на вистинската страна на историјата и заедно со антифашистичкиот фронт победија. Речиси 50 милиони луѓе во светот загинаа во војната против злото кое никогаш не смееме да се врати во која било форма и тоа не смееме да се заборавиме. Исто така не смее да се заборави идејата за обединета Европа која се роди петнаесетина години подоцна преку Шумановата декларацијата. Обединети во различностите, со заемна почит едни кон други кон траен мир и просперитет. Нашата земја природно припаѓа кон Европската унија. Направивме многу реформи за наша интеграција и очекуваме ЕУ да ги потврди вредностите на кои се темели и процесот за конечно обединување на континентот да продолжи. Идејата за обединета Европа е преголема за да биде попречувана“,
пишува Маричиќ во честитката.
На заеднички настан со евроамбасадорот Дејвид Гир по повод Денот на Европа, како што информиравме, вицепремиерот Никола Димитров порача дека нашата битка за ЕУ денес е всушност битка и на Европа самата со себе, да си го одржи зборот. Крајно време е, рече тој, да ги почнеме заслужените преговори за членство и така да бидеме заеднички победници.
По повод Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот државни делегации денеска положија цвеќиња и на партизанските гробишта во Бутел.

Делегација од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, беше во состав од посебниот советник за национална безбедност, Блерим Кољали и посебниот советник за безбедност и одбрана и аѓутант на претседателот, Билјана Блажеска.
Владината делегација ја предводеше премиерот Зоран Заев, а во неа беа и шефот на дипломатијата, Бујар Османи, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, и министерката за образование и наука, Мила Царовска. Цвеќиња положија и делегации од Собранието, Армијата и Град Скопје.