Нападот следува неколку дена откако започна официјалното постепено повлекување на американските и НАТО војниците од Авганистан, кое повлекување според планот треба да заврши на 11 септември годинава
Расте бројот на жртви од експлозијата што се случи вчера кај училиште во авганистанскиот главен град Кабул. Вчерашните извештаи говореа за најмалку 40 мртви, додека последните информации од денеска се дека загинале најмалку 55 лица.
Се зголемува и бројот на повредени. Портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Тарик Аријан, кој првично соопшти за најмалку 52 повредени, претежно ученици, денеска рече дека тој број се зголемен на повеќе од 150 лица. Портпаролот на Министерството за здравство, Гулам Дастагир Назари, пак, изјави дека досега се хоспитализирани 46 лица.
„Тоа е заедничко средно училиште за девојчиња и момчиња кои учат во три смени, од кои учениците од втората смена најмногу настрадаа во нападот“, изјави Наџиба Аријан,
портпаролка на Министерството за образование.
Според информациите од авганистанските власти кои ги пренесуваат медиумите, прво експлодирал еден автомобил пред училиштето, а откако учениците излегле надвор имало уште две експлозии.
Засега никој не ја презеде одговорноста за нападот, но авганистанскиот претседател Ашраф Гани ги обвини талибанците. Портпаролот на талибанците, Забиулах Муџахид, пак, негираше вмешаност на бунтовничката група и го осуди инцидентот.
Нападот следува неколку дена откако започна официјалното постепено повлекување на американските и НАТО војниците од Авганистан, кое повлекување според планот треба да заврши на 11 септември годинава. Повлекувањето доаѓа во период кога талибанците контролираат повеќе од 50 отсто од авганистанската територија. Претходните денови, САД и Европа повикуваа на итно и безусловно продолжување на преговорите помеѓу Владата и талибанците, а ги обвинија талибанците и дека предизвикуваат насилство во период на повлекување на странските сили и го блокираат мировниот процес. Од друга страна, талибанците негодуваат поради доцното повлекување на американските војници кое првично беше предвидено за 1 мај.
Преговорите започнаа минатата година во Катар, но сега се закочени. За крајот на април беше предвидена и специјална конференција во Турција, но истата беше откажана на неопределено време затоа што талибанците одбиваа да учествуваат.