Никогаш да не се повтори и да не се заборави, е порака на кумановци за настаните од населбата Диво Насеље пред точно шест години. За настаните од 9 и 10 мај 2015 година во уличката каде се одвиваше оружената престрелка остана да сведочи една куќа која сè уште има вдлабнатини од куршумите. Останатите куќи веднаш по настанатите, беа реконструирани.

„Соживот имаше и пред и по настаните од Диво Насеље. Одевме на свадби, семејни веселби, ќе продолжиме да одиме штом заврши пандемијата, но тоа што се случи не смее да се заборави, сепак, соживотот во нашата мултиетничка средина мора да продолжи. Нашите татковци живееле заедно, ние, а во иднина и нашите деца“
велат жителите на „Диво Насеље“, пренесува дописничката на МИА.

Утрото на 9 мај, пукотниците се слушаа од раните утрински часови, во тој дел од Куманово се гледаше густ црн чад. Дел од „Трета МУБ“ целосно беше затворен за сообраќај. Жителите кои живеат таму раскажуваа дека почнала војна. Хеликоптери го надлетуваа Куманово, работници не можеа да отидат на работни места… Престрелката тогаш траеше повеќе од 20 часа.

Во трагичниот настан животот го загубија осум припадници на македонските безбедносни сили, а беа убиени и 10 припадници на вооружената група.
За „Диво Насеље“ во Основниот кривичен суд во Скопје се водеше и судска постапка за тероризам и терористичка организација. Во случајот првично беа опфатени 29 лица, а подоцна тој се спои со предметот „Молња“ каде имаше осум лица кои се гонеа како помагачи на вооружената група. Така, бројот на обвинети се зголеми на вкупно 37. Од нив, 33 беа прогласени за виновни, а четворица добија ослободителна пресуда.

Од осудените: доживотен затвор добија седум лица, 13 беа осудени на затворски казни од 40 години, шестмина на 20 години, еден на 18, двајца на 14, двајца на 13 и уште двајца на 12 години затвор.
Пресудите подоцна ги потврди и Апелацискиот суд во Скопје.
