Премиерот вели и дека Грција останува „силен медијатор и поддржувач“ на европскиот пат на нашата земја, нешто за што добил уверување и грчкиот премиер
Неприфатлива е каква било интервенција во македонскиот идентитет, вели премиерот Зоран Заев во интервју за грчкиот весник „Катимерини“ коментирајќи го спорот со Бугарија. Сепак, тој вели дека верува оти ќе се најде заедничко решение, јави дописничката на МИА од Атина.
Заев објаснува дека и покрај позитивните извештаи од Европската Комисија и покрај Договорот за добрососедство со Бугарија, сепак поради ветото од Софија, Северна Македонија не ги започна преговорите со ЕУ.
„Во 21 век да ја одредуваш историјата на друга нација не е во согласност со европскиот дух, бидејќи треба заедно да градиме иднина. За Северна Македонија, за македонскиот народ, за сите граѓани на нашата земја, каква било интервенција во македонскиот идентитет е неприфатлива. Процесот трае веќе подолго време, не сакаме да запреме и нема да запреме, но нема да ги ставиме во опасност нашето достоинство и нашиот идентитет. Верувам дека ќе најдеме заеднички решенија со Бугарија и ќе изградиме квалитетна иднина за нас и за идните генерации“
вели премиерот, потенцирајќи дека минатото не треба да се заборави, но „треба да се градат мостови на соработка меѓу сите балкански земји, бидејќи тоа е единствениот пат што води до успех.
Од друга страна пак, вели дека Грција останува „силен медијатор и поддржувач“ на европскиот пат на нашата земја, нешто за што добил уверување и грчкиот премиер.

Заев потсетува на првите средби со Мицотакис во септември и ноември 2019 година, велејќи дека и тогаш и на следните средби бил создаден „пријателски однос, ослободен од сите прашања што во минатото ги оптоваруваа билатералните односи“, бил прифатен веќе дефинираниот партнерски однос основан на доверба и пријателство, „кој односите меѓу двете земји ги претвори во сојузништво“.
„Мојот колега, господинот Мицотакис категорично ме увери дека Грција останува еден силен медијатор и поддржувач на нашата земја во претстојниот преговарачки процес со Европската Унија. И двајцата се обврзавме за целосно и непречено спроведување на билатералните обврски одредени од Договорот од Преспа. На сите наши средби разговараме за поголема економска соработка која треба да продолжи и да се надгради“,
вели Заев, пренесе МИА.
Дополнително зајакнување на пријателството и енергетската соработка, според премиерот е и гасоводот што ќе ги поврзува двете земји, односно договорите како за терминалот во Александруполи, така и за изградбата на интерконекторот. Тој додава дека овие проекти ќе бидат први од ваков тип во Југоисточна Европа, а со поврзувањето со Грција, наместо еден извор на природен гас, ќе имаме можност за снабдување од различни извори, од САД, Блискиот Исток и сл.
Дел од интервјуто за „Катимерини“ е посветено на Договорот од Преспа, преговорите и односите со поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас. Во овој дел, премиерот вели дека три години подоцна може да каже дека и кај нас и во Грција се поклопила силната политичка волја на лидерите и нивните соработници за промена на сликата на Балканот, како и дека со договорот на регионот му е даден нов Балкан на 21. век.
Интервјуто на Заев под наслов „Заедно за Балкан на 21. век“ е во пресрет на неговото учество на Делфи економскиот форум, што од 10 до 15 мај ќе се одржи во Атина.
Освен Заев, на форумот, ќе учествуваат и вицепремиерот Никола Димитров, шефот на дипломатијата Бујар Османи и министерот за животна средина Насер Нуредини.
