Сите боци со кислород да им бидат отстапени на итните медицински служби и ковид-центрите одлучија индиските власти, но во меѓувреме поединци најдоа начин како да заработат во време на здравствената криза. На одредени локации низ земјата се појавија пазари каде на црно се продаваат боци со кислород.
Индија, неколку дена по ред ги руши рекордите по бројот на заразени од ковид, а досега бележи и над 200 илјади смртни случаи. Според проценките на здравствените власти, смртноста е за трипати зголемена во последните три недели.

Веќе неколку дена нема слободни кревети по болниците, па сликите како луѓе лежат по ходници во ковид-центрите и пред нив, станаа секојдневие.
Светската здравствена организација објави дека минатата недела, од сите нови случаи на заразени со коронавирус во светот, речиси половина биле регистрирани во Индија, како и една четвртина од смртните случаи од ковид-19.
Локалните индиски медиуми известуваат дека бројот на заразени и починати може да биде многу поголем од официјалните податоци.