На потегот меѓу хотелот „Метропол“ и Пештани ќе се отстрануваат нелегално изградени објекти и урбана опрема од плажите на брегот на Охридско Езеро, со цел да се вратат во првобитна состојба како пред 15 години, пред да бидат доделени концесии.
Охридскиот градоначалник Константин Георгиески вели дека станува збор за нелегално изградени објекти и дека ќе бидат отстранети до средината на следниот месец.
За овие активности Општина Охрид добила шест милиони денари од централната власт, а три милиони денари се дополнително обезбедени преку алокација на средства од општинскиот буџет.
„Сите правни субјекти и лица што имале плажи под концесија и изминатиот период вршеле дејност мора да ги ослободат плажите“,
вели Георгиески.
Тој вели дека мора да се стави крај на практиките да се узурпира јавниот простор со лежалки, самоволна наплата за паркирање возила и слични дејности.
Откако ќе биде заокружен процесот на отстранување на дивоградбите и урбаната опрема од плажите, а крајбрежјето биде вратено во првобитна состојба како пред издавањето на концесија, Георгиески не ја исклучува можноста дел од плажите повторно да бидат дадени на стопанисување, но тоа да се спроведува по легислатива што произлегува од Планот за управување со Охридскиот Регион.