Олабавување на строгата законска забрана за државно рекламирање на приватните телевизии и радија било тема на разговор на владината седница одржана минатата недела, објави БИРН. Потврда добиле и од Владата, од каде соопштиле дека сѐ уште нема конечна одлука и дека точката била одложена за некоја од идните седници. Според писмениот допис од Владата, со законските измени не би имало целосно укинување на рестрикцијата, туку дефинирани исклучоци кога може да има владини реклами од јавен интерес.
„Се воведува фиксен клуч за правична дистрибуција на средствата за закуп на медиумско време кај сите радиодифузери, преку строго утврдени критериуми кај кои не постои можност за интервенција на човечки фактор“,
се наведува во писмениот допис од Владата до БИРН.
Промените ќе бидат дел од пакет предлози за кои ќе се дискутира на следните министерски седници, а владина проценка е дека тие ќе влезат во собраниска процедура до крајот на овој месец, пишува БИРН.
Токму Владата предводена од СДСМ ја прекина праксата на владино рекламирање со која во минатото се купуваше наклонетоста на големите електронски медиуми и во таа насока мнозинството во парламентот го смени законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со кој од јануари 2019 државните институции и општините не смеат да трошат пари во приватните медиуми, за да ја информираат јавноста за своите активности.
