Министерството за труд и социјала побарало од Комисијата за заразни болести да дозволи зголемување на групите во градинките откако најголем дел од воспитувачките и негувателките беа вакцинирани како приоритетни. Со тоа би се намалил притисокот и би се зголемиле капацитетите за прием на нови деца, соопшти министерката Јагода Шахпаска по средбата со родителите кои бараат продолжување на породилното отсуство.
„На средбата се разговараше за состојбата за упис на децата во градинките, како и за потребата општините и директорите на градинките соодветно да го раководат процесот на прием на деца во градинките, за да се овозможи целосно искористување на капацитетите во градинките. Анализата покажува дека сместувањето во градинките е безбедно и дека нема внатрешна трансмисија на вирусот. Врз основа на досегашните информации, бројот на заболени деца од ковид-19 во нив е минимален и не бележи тенденција на раст“
соопштија од МТСП.
Според протоколот за згрижување деца од септември минатата година, предвидено е воспитните групи за деца до две годишна возраст да имаат максимум по 12 деца, додека групите за децата од 2 до 6 годишна возраст да имаат по максимум 15 деца.
Голем дел од родителите на породилно отсуство протестираа и бараа продолжување на отсуството затоа што не успеаја на време да ги запишат децата во градинка, а според протоколот, предност за згрижување имаат самохраните родители и оние семејства каде што двајцата родители одат на работа.
