Граѓаните што по СМС добиле локација/град за вакцинирање против ковид различна од местото на живеење и поради тоа го пропуштиле терминот за вакцинација денеска ќе може да се вакцинираат во градовите каде што живеат.
Во текот на минатиот ден се појавил проблем, за што луѓе се пожалија на социјалните мрежи дека го пропуштиле вчерашниот термин за вакцинирање против ковид. Од Министерството за здравство ги повикуваат сите граѓани што се соочиле со проблем и од таа причина не се појавиле вчера на вакцинација тоа да го сторат денеска, во местото каде што живеат, односно на вакциналниот пункт во нивниот град.
„Министерството за здравство ја информира јавноста дека по серијата информации од граѓани во јавноста, претежно на социјалните мрежи, дека за вакцинација добивале СМС-пораки за да се вакцинираат во друг град, а не каде што живеат, системот ‘Мој термин’ направи анализа и ја увиде следната состојба: Граѓаните при закажување на веб-страницата vakcinacija.mk сами направиле погрешен избор на локација каде сакаат да се вакцинираат, поради тоа системот автоматски им испратил порака за локацијата, односно вакциналниот пункт и градот, што сами го одбрале. Министерството за здравство ги информира сите граѓани кои се соочиле со ваков проблем и од таа причина не се појавиле вчера на вакцинација истото да го сторат денеска, во местото каде живеат, односно на вакциналниот пункт во нивниот град“,
информираат од Министерството за здравство.
За да може денеска да го остварат правото на вакцинација, граѓаните што го пропуштиле вчерашниот термин е потребно само да ја приложат СМС-пораката.
„Не е потребно повторно да се пријават ниту на vakcinacija.mk ниту кај својот матичен лекар, доволно е кога ќе дојдат на вакциналниот пункт да ја покажат пораката што ја добиле односно каде што пишува дека вчера имале термин за вакцинација. Ова важи за сите граѓани кои и денеска или во наредните денови ќе се соочат со овој проблем“,
велат од Министерството.
Освен салите за масовна вакцинација во Скопје, Куманово, Охрид, Штип, Кавадарци, Тетово и Битола, вакциналните пунктови работат и во здравствените установи во Струмица, Прилеп, Гостивар, Кичево, Струга, Велес, Кочани, Дебар и Гевгелија. Министерството за здравство апелира до граѓаните да го почитуваат терминот, односно времето што го добиле за вакцинација за да не се создава метеж на вакциналните пунктови.
