Австриската министерка за Европа и Устав, Каролине Едштадлер, предупреди дека гледа опасност за ЕУ и за земјите од Западен Балкан ако поради поради ненадминати билатерални прашања се попречува евроинтегративниот процес. Како што рече Едштадлер, постои вакуум на моќ на Балканот, кој некој може да го искористи доколку шесте земји од регионот останат надвор од ЕУ. Таа на денешната прес-конференција со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров се осврна на спорот на земјава со Бугарија и нагласи дека Австрија дава поддршка и дека може да ја има улогата на посредник.
„Немам разбирање за тоа некои земји овде да ги блокираат стремежите за проширување. Немам разбирање за тоа овој процес да биде запрен и, конкретно, да има отпор од Бугарија. Имам целосна поддршка и доверба во португалското претседателство и сакам да апелирам Северна Македонија да се обиде да ги реши проблемите. Не ја знам целата приказна за историјата на Бугарија, но знам што значи да се занимавате со минатото. Јас во политиката сум активна како министерка зашто гледам перспектива и сакам да отворам перспектива за иднината“,
потенцира Едштадлер.
Таа посочи и дека не треба да се раздвојуваат Северна Македонија и Албанија на патот кон ЕУ.
„Ние сакаме Албанија и Северна Македонија заеднички да добијат реална перспектива во Европската Унија. Ние сме на мислење дека ќе биде ризично и во секој случај ќе треба да се спречи овие две земји во овој процес да ги разделиме. ‘Leaving no one behind’ или неоставањето никој назад во преговорите ќе треба да остане како девиза“,
додаде Едштадлер.
Вицепремиерот Никола Димитров, пак, го повтори ставот дека изборите во Бугарија или во која било друга земја членка на ЕУ не треба да се пречка за евроинтеграциите на земјава. Северна Македонија е земја кандидат за ЕУ 16 години и ги има исполнето условите, а ако Европа и овој пат не го потврди тој успех, ќе испрати погрешна порака до целиот регион, рече Димитров.
„Овде ќе има локални избори, во Бугарија во ноември ќе има претседателски избори. Мислам дека немаме право однапред да креваме раце. Многу земји членки на ЕУ чувствуваат и разбираат дека е крајно време оваа година да има сериозно поместување кон подобро за европската идеја во нашиот регион. Многу е тешко тоа да биде убедливо ако македонскиот случај не биде препознаен и потврден преку меѓувладина конференција. На регионот му треба успех оваа година“,
изјави Димитров.
Димитров се заблагодари и за напорите на Австрија преку неа да се обезбедат и дистрибуираат 119 илјади вакцини на „Фајзер“ од ЕУ за Северна Македонија и 651 илјада за земјите од Западен Балкан. Дел од пратката се очекува да стигне денес со доаѓањето на еврокомесарот Вархеји, кој попладне ќе има средба со премиерот Заев и заедно ќе го посетат вакциналниот пункт во СЦ „Борис Трајковски“.