Иако ниедна земја сè уште не успеала да го вакцинира целото население, некои земји почнуваат да зборуваат за олеснувања за граѓаните што ги примиле двете дози на вакцини
Пандемијата со коронавирусот трае повеќе од една година и само со појавата на вакцината се појави надеж дека животот ќе се врати во нормала еден ден. Иако ниедна земја сè уште не успеала да го вакцинира целото население, некои земји почнуваат да зборуваат за олеснувања за граѓаните што ги примиле двете дози на вакцини.
Унгарија
Унгарија објави дека ќе вакцинира 40% од населението до средината на оваа недела и се повеќе ќе ја отвора економијата, а од следната недела оние кои имаат сертификати за вакцинација можат да одат во хотели, затворени ресторани, кина, спортски сали, спортски настани, бањи и други места, изјави премиерот Виктор Орбан.
Бројот на хоспитализирани и бројот на пациенти на респиратори опадна, имајќи предвид дека Унгарија минува низ една од најбрзите програми за вакцинација во ЕУ. Унгарија користи западни, но и кинески и руски вакцини, поради што е мета на критики, бидејќи тие вакцини се уште не се одобрени од Европската унија. Орбан вели дека бројките го оправдуваат тоа.
„Не ми е гајле дали мачката е црна или бела. Само сакам да фатам глушец“,
одговори Орбан.
Германија
Документот, во кој имал увид јавниот сервис АРД, предвидува вакцинираните и оние кои прележале ковид-19 да бидат изземени од ограничувањата наметнати со Законот за заштита од инфекции и дека нивното секојдневие ќе биде олеснето, пренесува ДВ.
Документот го цитира заклучокот на Државниот институт за епидемиологија „Роберт Кох“, кој вели дека вакцинираните против коронавирус и оние кои прележале ковид-19 имаат помала можност да заразат други отколку оние кои имаат негативен тест. Затоа, како што е наведено, треба да се воведат ублажувања или ослободувања од некои мерки за оние кои биле вакцинирани и за оние кои го прележале ковид-19.

Германскиот министер за здравство Јенс Шпан, кој ја најави можноста пред неколку недели, рече дека во дискусиите во Владата се споменува укинување на мерките за самоизолација за оние кои биле вакцинирани и кои биле во контакт со заразено лице или за оние што се враќаат од странство. Олеснување би можело да се обезбеди и кога е потребен негативен тест, како на пример одење на фризер, во шопинг или во ресторани – кога тие ќе бидат повторно отворени.
„Целосната заштита од вакцината може целосно да го ослободи лицето од обврската за тестирање“, рече министерот за здравство.
Но, министерот за економија Питер Алтмајер вели дека сепак за ова ќе треба уште некое време.
„Во моментов, околу 20 проценти од граѓаните ја примиле првата вакцина. Не верувам дека олеснувањето би можело да биде пред јуни или јули“, рече Алтмајер.
Австрија
На вонредна седница, Националниот совет на Австрискиот федерален парламент треба да донесе одредба в понеделник, која ќе им обезбеди бенефиции на сите кои ја примиле првата доза од вакцината или се целосно вакцинирани. Станува збор за отворање ресторани, кафулиња и други угостителски објекти, хотели и хостели, како и културни и спортски настани.
Како „билет“ за наведените објекти и настани, како и за одење на фризер и користење други услужни дејности, досега беше задолжително да се покаже негативен тест за коронавирус. Сега тоа може да се промени и вакцинираните лица да бидат изземени од оваа обврска.

Исклучок од задолжителното тестирање, како што е наведено во предлогот, ќе бидат и вакцинираните со првата доза на вакцината, 22 дена од приемот и за целосно вакцинираните лица шест месеци по приемот на втората доза на вакцината. Исто така, се наведува дека временските ограничувања поврзани со времетраењето на заштитата од вакцината може да се променат во зависност од резултатите од научните истражувања.
Се додава дека следното „олеснување“ за вакцинираните лица може да биде ослободување на задолжително прикажување на негативен тест, како и самоизолација по враќањето од странство.
САД
Поголем дел од минатата година, на граѓаните на САД им се советуваше да носат маски на отворено, ако се на растојание од помалку од две стапки, но Центрите за контрола и превенција на болести на САД (ЦДЦ) издадоа нови упатства.
Упатствата на ЦДЦ наведуваат дека луѓето кои се целосно вакцинирани не мора да носат маски за време на активности на отворено, кога се сами или со членови на нивното домаќинство. Тие, исто така, можат да одат без маска на помали надворешни собири со целосно вакцинирани лица.
Израел
По успешната имунизација, Израелците повеќе не мора да носат заштитни маски на отворено. Неопходно е да се носи маска во затворен простор, каде луѓето стапуваат во контакт со луѓе надвор од домаќинството, но експертите сметаат дека оваа обврска може да биде укината за еден месец.
