Постојат примери низ целиот свет на луѓе кои примаат единствена доза на вакцина, а не доаѓаат на ревакцинација. Ова носи голем ризик, предупредуваат експертите во интервју за Дојче веле
Една доза може да биде доволна само за оние кои прележале
Околу пет милиони Американци досега не се појавиле за да ја примат втората доза од вакцината против ковид, откако примија по една доза „Фајзер“ или „Модерна“, покажуваат податоците објавени од Њујорк Тајмс. Тоа е околу осум проценти од вакцинираните.
Причините можат да бидат различни, од тоа дека луѓето немале време или немале слободен ден на работа.
Во интервју за ДВ, вирусологот Ангела Рамусен од Универзитетот во Саскачеван во Канада наведува уште неколку можности – некои сметаат дека е доволна една доза или не сакаат повторно да се соочат со реакции на вакцината. Од медицински причини, на малкумина им се препорачува да не се вакцинираат со втора доза.
Но, дали едн доза е доволна? Експертите секогаш велат – не! Првите студии, сепак, покажуваат дека голем процент на имунитет се развива по првата доза, но не е јасно колку долго трае.
„Многу е важно да се добие втора доза“
Две студии на британското Биро за статистика и универзитетот Оксфорд наведуваат дека процентот на симптоматски инфекции со коронавирусот е намален за дури 72 проценти кај луѓето кои примиле само една доза „Фајзер/Бионтек“ или „Астра Зенека“. По втората доза на „Фајзер“, бројот на инфекции е за 90 проценти помал, додека со „Астра Зенека“ податоците сè уште не се достапни, бидејќи за втората доза чека дванаесет недели.
„Како и со секоја друга заразна болест, тука се добива висок степен на заштита по првата доза, но таа ќе исчезне“,
вели Коен Пауел, научник од Оксфорд, кој учествувал во студиите.
Втората доза значително го зголемува нивото на антитела, особено кај постарите лица и затоа според него многу е важно да се направи ревакцинација.
Неодамна, Мајкл Ворнер, лекар од таканаречената црвена зона на болницата во Торонто, предупреди на овој проблем. Тој објави на Твитер дека пациентите кои ја примиле првата доза одамна, но не ја примиле втората, честопати завршуваат на респиратор уреди. Ворнер бара властите да им појаснат на граѓаните дека се вакцинирани само кога сте целосно вакцинирани.
Само една доза по инфекцијата?
Но, за лицата кои прележжале ковид може да биде поинаку. Постојаната комисија за вакцинација во Германија во моментов препорачува овие луѓе да почекаат најмалку шест месеци по прележувањето, а потоа да добијат само една доза вакцина.
Студија од Лос Анџелес дошла до истиот заклучок. Врз основа на истражување на 260 лица кои имале ковид, а потоа примиле само една доза вакцина „Фајзер“, заклучено е дека имунолошкиот одговор е сличен како кај луѓето кои примиле две дози од вакцината.
„Ако луѓето кои имале коронавирус се вакцинираат само еднаш, тогаш побрзо ќе вакцинираме многу повеќе луѓе и ќе постигнеме колективен имунитет“,
изјави за ДВ Џонатан Браун, коавтор на студијата.