Владата за нив издава картички за имунитет без кои не може да се влезе во ниту еден објект
Унгарија укина одредени ограничувања за граѓаните кои имаат т.н. „картички за имунитет“, потврда издадена од Владата за вакцинираните граѓани или за оние кои прележале ковид-19.
Одлуката е донесена по успешна кампања за имунизација во текот на која околу 40 проценти од населението ја примило првата доза на вакцината.
Од денеска, оние кои имааат ваков сертификат можат да ги користат сите услуги во ресторани, да престојуваат во хотели и да одат во театри, кина, спортски сали, библиотеки, музеи.
Работното време на објектите е продолжено до 23 часот, а почетокот на полицискиот час, кој важи од ноември минатата година, е преместен на полноќ.
Најавувајќи го повторното отворање, премиерот Виктор Орбан вчера изјави дека земјата досега се бранела од вирусот со затворање, но дека сега е „нападната“ со вакцините.
Оние кои се вакцинирани или кои прележале ковид, ги исполнуваат условите за унгарските „картички за имунитет“, кои мораат да ги покажат на влезот во објектите.
На деловните субјекти им се закануваат големи казни доколку дозволат влез на оние кои немаат картички.
Прашањето за картички за имунитет или таканаречени ковид пасоши предизвика големи дебати, при што критичарите велат дека се дискриминираат луѓето во посиромашните земји кои немаат пристап до вакцини.
Унгарија исто така се спротивстави на напорите на ЕУ да издава вакви документи само на оние кои примиле вакцини одобрени од регулаторната агенција на ЕУ, а не кинески или руски.
За денеска е закажан фудбалски натпревар во Будимпешта на кој ќе може да има и публика, но само со потврда за имунитет, а фудбалскиот клуб издаде соопштение во кое се наведува дека носењето маски на стадионот не е задолжително.